• петок, 25 октомври 2024

Четири лица загинаа во напад на милитанти во индиски Кашмир

Четири лица загинаа во напад на милитанти во индиски Кашмир

Сринагар, 25 октомври 2024 (МИА) - Најмалку четири лица, меѓу кои двајца војници, загинаа кога милитанти нападнаа воено возило во заседа во областа Бота Патри во индискиот Кашмир, во близина на границата со Пакистан, соопштија денеска официјални претставници.

Во истиот напад, кој се случи синоќа на територијата на која сепаратистичките милитанти се борат со безбедносните сили со децении, беа ранети тројца војници.

Тоа беше четврти напад во регионот во изминатите две недели, а втор што се случи оваа недела. Најмалку девет војници беа убиени во два одделни напади на милитантите во регионот во јули.

„Покрената е масовна операција против милитантите одговорни за нападот... Во областа е испратено дополнително засилување“, изјави воен претставник, кој сакаше да остане анонимен.

Безбедносните сили користат дронови и хеликоптери за пребарување на шумите во регионот каде што се случи инцидентот.

Во соопштението што кружи на социјалните мрежи, Народниот антифашистички фронт, за кој индиските власти велат дека е огранок на пакистанската милитантна група Џаиш-е-Мохамед, ја презеде одговорноста за нападот. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан