• недела, 23 јуни 2024

Катарина Николов: Интересот за изградба на згради за живеење бил, е и ќе биде голем, не само во Скопје, туку и во другите градови

Катарина Николов: Интересот за изградба на згради за живеење бил, е и ќе биде голем, не само во Скопје, туку и во другите градови

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) - Интересот за изградба на згради за живеење бил, е и ќе биде голем, не само во Скопје, туку и во другите градови. Ова го потврди денеска во изјава за МИА, Катарина Николов извршен директор на „Фортонмка“, за време на конференцијата за комерцијални недвижности што се одржува во главниот град на државава.

 - Сведоци сме на многу интензивен раст на изградбата на станови во изминатите можеби 20 години во Скопје. Честопати се поставува прашањето дали има простор за уште станови. Пазарот го прави побарувачката. Сѐ додека таа побарувачка функционира, тогаш и инвеститорите имаат мотивација да продолжат со реализација на замисленото. Интерес голем постои. Станбените згради се први, затоа што се најблизок тип на инвестиција. Затоа што најлесно се планира повратот на инвестиција, појасни таа за МИА.

Во однос на другите сегменти, според неа, недостига канцелариски простор од А класа. За него, рече таа, постои интерес, но, повратот на инвестицијата и динамиката на реализација на овие проекти не се такви како кај станбените објекти.

Таа се осврна и на хотелиерството, таму одреден период имало застој. Но, таа нагласи дека хотелите во Скопје веќе биле околу 75 проценти пополнети, па сакаат оваа категорија да ја доближат до инвеститорите.

- Целта на конференцијата е пазарот на недвижности да го кренеме на едно сосема поинакво ниво. Главната цел е да поставиме сериозна платформа за вмрежување, комуникација, размена на искуства и знаења. За да направиме одржлив и квалитетен пазар на недвижности, рече таа, истакнувајќи дека се секогаш тука како сериозен партнер на инвеститорите и корисниците на тие простори.

Сѐ со цел, како што нагласи, да се влијае на создавањето на квалитетни имоти на долг рок.

- Секогаш ќе се одвојуваат проектите, посебно во иднина, добро обмислени, што, покрај тоа што го нудат, имаат, колку и да звучи едноставно, доволен број паркинг места, или имаат соодветна инфраструктура, рече Николов за МИА. бд/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан