Калин Георгеску: Романија може без европските фондови
- - Од 2007 година досега, БДП порасна повеќе од 3,6 пати, при што ја надминавме Полска, Унгарија, Хрватска и Грција според БДП по глава на жител – клучен индикатор за животниот стандард. Инвестициите од европските фондови се видливи насекаде, потенцираше Болош.

Букурешт, 5 март 2025 (МИА) - Вкупната сума на неповратни средства што Романија ги добила од Европската Унија во текот на 18-те години членство достигна 100 милијарди евра во јануари 2025 година, објави денеска романскиот информативен портал „Зиаре“. Оваа информација доаѓа во контекст на изјавата на претседателскиот кандидат Калин Георгеску дека Романија не зависи од европските фондови за својот развој.
Во интервју за молдавската новинарка Наталија Морари, Георгеску изјави дека европските земји можат многу подобро да се развиваат независно отколку во рамките на ЕУ. Тој одговори на изјавата на романскиот европратеник Зигфрид Мурешан, кој предупреди дека Република Молдавија би можела да загуби 1,9 милијарди евра помош од ЕУ доколку проруските партии победат на парламентарните избори. Морари, која е против санкциите кон Русија, праша дали ова претставува уцена од страна на ЕУ.
- Во една асоцијација се влегува за да си помагаме меѓусебно во име на заеднички идеал. Но, кога ќе подвлечеме црта, треба да ги согледаме и предностите и недостатоците, изјави Георгеску. Тој зборуваше и за „национализација“, нагласувајќи дека тоа значи враќање на сите природни ресурси на Романија во рацете на романскиот народ, наместо да бидат под контрола на големите корпорации.
- Можеме да се развиваме самостојно, можеме да напредуваме уште подобро како независни држави во Европа, рече Георгеску, кој победи во првиот круг на анулираните претседателски избори минатата година.
- Кому му се потребни овие пари (европските фондови) кога имаме сè што ни треба дома? Нашата земја не сме ја добиле како подарок од Брисел или Вашингтон. Таа е дар од Бога, рече романскиот политичар.
Во меѓувреме, економскиот портал „Профит.ро“ го цитираше министерот за инвестиции и европски проекти Марчел Болош, кој изјави дека европските средства коренито ја промениле структурата на романската економија, трансформирајќи ја од периферна во брзорастечка.
- Од 2007 година досега, БДП порасна повеќе од 3,6 пати, при што ја надминавме Полска, Унгарија, Хрватска и Грција според БДП по глава на жител – клучен индикатор за животниот стандард. Инвестициите од европските фондови се видливи насекаде, потенцираше Болош.
Во јануари 2025 година, Романија доби дополнителни 1,37 милијарди евра од европските фондови, со што вкупната сума што земјата ја примила од ЕУ достигна 100,65 милијарди евра. Истовремено, Романија има уплатено околу 33 милијарди евра во буџетот на ЕУ, пренесе „Зиаре“.
„Зиаре“ наведува примери за постигнатото со европските средства: изградени се речиси 900 километри автопатишта и експресни патишта во последните две децении, над три милиони Романци се приклучени на канализациската мрежа, а преку грантови се поддржани повеќе од 100.000 романски компании.
- Јасно е дека денешна Романија немаше да биде иста без овие стратешки инвестиции, кои станаа столб на нашиот економски развој, изјави министерот Болош.
„Хотњуз“ забележува дека Георгеску го дал интервјуто за контроверзната молдавска новинарка Наталија Морари, која во 2021 година беше во центарот на скандал поради нејзината врска со олигархот Вјачеслав Платон, обвинет за учество во кражбата на милијарда долари од молдавските банки. Морари беше кандидат за претседател на Молдавија минатата година и освои 0,61 отсто од гласовите. ссм/
фото: архива