Калас и Кос: Косово одржа мирни и конкурентни избори, но мора да ги спроведе обврските од договорите со Белград без одлагање и предуслови (ДПЛ)
- Напредокот во нормализацијата на односите со Србија е единствениот начин Косово да постигне напредок на својот европски пат. Нема алтернатива за дијалогот со посредство од ЕУ, се наведува во пораката.

Брисел, 12 февруари 2025 (МИА) – Европската Унија очекува Косово да ги спроведе своите обврски кои произлегуваат од Договорот за напорите за нормализација на односите со Србија, како и сите претходни договори од Дијалогот Белград-Приштина, без дополнителни одлагања или предуслови, порачаа високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос во заедничка изјава по повод неделните парламентарни избори во Косово.
- Напредокот во нормализацијата на односите со Србија е единствениот начин Косово да постигне напредок на својот европски пат. Нема алтернатива за дијалогот со посредство од ЕУ, се наведува во пораката.
Калас и Кос ги повикаа властите во Приштина да манифестираат одговорна регионална соработка и да ги интензивираат своите напори за зајакнување на владеењето на правото и јавната администрација и за заштита на слободата на изразување.
- Во неделата, народот на Косово го искористи своето демократско право, давајќи го својот глас на редовните парламентарни избори. Според прелиминарни сознанија, изборите беа мирни и конкурентни со учество на сите заедници, а беше имплементиран и нов изборен закон. Кампањата беше енергична. Целокупниот процес покажа отпорност и посветеност на демократските принципи, се наведува во пораката.
Претставничките на ЕК посочуваат и дека изборите ги следеше Мониторинг мисија на ЕУ, која ќе остане во Косово за да ги следи постизборните процедури и да дава препораки.
- Со нетрпение очекуваме да се формираат новото Собрание и Влада и да продолжиме со нашиот ангажман со властите, со цел да го поддржиме Косово да се приближи до ЕУ и да има целосна корист од важните можности, како што е Планот за раст за Западниот Балкан, наведуваат Калас и Кос.
Косово аплицираше за членство во ЕУ во декември 2022 година, но засега нема напредок на тој план, имајќи пред вид дека пет земји членки на Унијата - Грција, Кипар, Романија, Словачка и Шпанија, не ја признаваат косовската независност.
- Комисијата останува на располагање да подготви Мислење за апликацијата за членство на Косово, веднаш штом Советот (на ЕУ) го побара тоа, додаваат Калас и Кос во пораката. сп/
Фото; МИА Архива