И должината, и цврстината на сонот - битни за здравјето
- Тинејџерите од 14 - 17 години обично спијат 8 - 10 часа. За возрасните од 18 до 64 години, тие бројки изнесуваат 7 - 9 часа сон.
Скопје, 12 авгyст 2024 (МИА) - Спиењето не е само одмор за телото - тоа е од витално значење за одржување добро здравје и спречување болести. Сепак, многу возрасни со „бурен живот“ и напорен распоред, не го добиваат одморот што им треба.
И, не е важно само колку часови минувате в кревет, туку и квалитетот на спиењето е исто толку важен, ако не и повеќе, отколку должината. Добриот, цврст сон се состои од доволно време во кревет и непрекинати, правилно повторени циклуси на спиење. Овие циклуси му овозможуваат на човековото тело да ги исцели ткивата, синтетизира протеините и ослободи хормони кои го регулираат растот и стресот.
Така, според официјалните препораки во скоро сите земји ширум светот, препораките за спиење се одредени според возраста.
Доенчињата на возраст до три месеци спијат околу 14 - 17 часа на ден.
На малите бебиња, од 1 - 2 години, им треба приближно 11 - 14 часа дневно сон.
Децата на 3 - 5 години им се неопходни 10 - 13 часа.
За постарите деца, на 6 - 13 години, се советуваат спиење до 11 часа.
Тинејџерите од 14 - 17 години обично спијат 8 - 10 часа.
За возрасните од 18 до 64 години, тие бројки изнесуваат 7 - 9 часа сон.
Постарите возрасни (над 65 години) обично имаат потреба од 7 - 8 часа спиење.
Истражувањата, исто така, посочуваат дека на жените често им треба малку повеќе сон од мажите, делумно поради хормоналните промени и разликите во структурата на мозокот, што може да влијае на вкупните потреби за одмор, според д-р Шелби Харис, клинички психолог.
- Во таа смисла, потребите на Вашето тело може да се разликуваат од оние општи препораки. Најдобар начин да го одредите Вашето идеално времетраење на сонот е да набљудувате како се чувствувате и како функционирате по различни количини на одмор, рече Харис.
Фазите на спиење, исто така, можат да играат улога во одредувањето на квалитетот на спиењето. Се говори за различните фази на спиење низ коишто минува телото секоја вечер. А, двата главни типа на спиење се тн. брзо движење на очите (РЕМ) и не-РЕМ спиењето што вклучува три фази: лесен сон, длабок сон и многу длабок сон.
Недоволното времетраење или нарушување во која било фаза може да доведе до нарушена будност, лошо расположение и општ пад на здравјето. си/рп/