Куче со необична градба го освои интернетот
- Неговата глава потсетува на пит бул, а телото, долго и ниско, личи на дачунд, што веднаш ги освои корисниците на интернет
Вашингтон, 14 јануари 2026 (МИА) - Мелезот Танк, комбинација од пит бул и чивини (чивава + дачунд) стана вистинска ѕвезда на социјалните мрежи откога неговата сопственичка, Кендал Кларк од Портланд, Орегон, ја сподели неговата приказна на „Редит“ на почетокот на јануари. Неговата глава потсетува на пит бул, а телото, долго и ниско, личи на дачунд, што веднаш ги освои корисниците на интернет.
Кларк откри дека Танк дошол од случајно легло. Таткото е чивини, мешавина од минијатурен дачунд и чивава, а мајката е пит бул. Објавата собра повеќе од 13.000 допаѓања, а коментарите беа полни со воодушевување и шеги. Еден корисник напиша: „Ова не е само мешавина, туку буквално глава на пит бул на тело на дачунд. Го обожавам“. Друг додаде: „Изгледа како да му ја залепиле главата на пит бул на тело на кученце колбасица“.
Иако на прв поглед Танк може да изгледа застрашувачки, неговата природа е сосема спротивна. Гласно лае со длабок пит бул глас, но кога се соочува со непознати, често се крие зад нозете на сопственичката. Тоа е во одлична здравствена состојба, иако ветеринарите предупредуваат дека неговата необична градба може да го изложи на поголем ризик од артритис во иднина. Сопственичката и нејзиниот партнер се грижат да остане активен и да ги зајакнува мускулите. Изгледот не го спречува да си игра и да се дружи со други кучиња.мв/ссм/
Фото: РТЦГ