• среда, 14 јануари 2026

Шпанија почна истрага за обвинувањата против Хулио Иглесијас за сексуална злоупотреба

Шпанија почна истрага за обвинувањата против Хулио Иглесијас за сексуална злоупотреба

Мадрид, 14 јануари  2026 (МИА) - Обвинителството при шпанскиот Врховен суд соопшти дека отворило истрага по медиумските објави дека познатиот пејач Хулио Иглесијас сексуално злоупотребувал две поранешни вработени.

Според шпанските и американските медиуми, станува збор за две жени, кои во 2021 година десетина месеци работеле во карипските резиденции на Иглесијас во Доминиканската Република и на Бахамите.

Жените пријавиле дека за време на нивниот ангажман биле изложени на сексуална злоупотреба и малтретирање на работното место. Наводно пејачот ги присилувал на сексуални односи малтретирајќи ги и вербално и физички. Американската телевизија „Унивисион“ (Univision) и шпанскиот портал „Ел дијарио“ (elDiario.es) водат тригодишна истрага за овој случај.

Хулио Иглесијас важи за еден од најпродаваните латиноизведувачи во светот, со повеќе од 300 милиони продадени албуми на 14 јазици. Обвинувањата предизвикаа силни реакции во Шпанија, каде што пејачот со децении се смета за музичка икона. Од Обвинителството информираа дека истражната постапка е почната по поднесена пријава на 5 јануари и дека засега нема официјален одговор од претставниците на 82-годишниот Иглесијас. мв/ми/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан