• среда, 14 јануари 2026

К-поп групата „БТС“ на светска турнеја во април

К-поп групата „БТС“ на светска турнеја во април

Сеул, 14 јануари 2026 (МИА) - К-поп-суперѕвездите „БТС“ ќе тргнат на светска турнеја, со што ќе го одбележат своето враќање претстојнава пролет. Нивната прва турнеја по четири години, ќе почне на 9 април во Гојанг, Јужна Кореја, со уште два концерта планирани во матичната земја, пред да се упатат кон соседна Јапонија, соопшти нивната издавачка куќа.

Најуспешниот музички поп-состав од Јужна Кореја е на пауза од 2022 година, додека членовите не ја завршија својата воена служба, којашто е задолжителна за сите мажи под 30 години во земјата. Сите седум члена беа отпуштени лани, па групата веќе го најави своето официјално враќање на сцената за оваа пролет. Турнејата, имено, ќе опфати 34 градови, со вкупно 79 концерти, што ја прави нивен најголем потфат досега. „БТС“ ќе издадат и нов албум на 20 март.

К-поп-составот ќе настапи и во САД, низ Европа и на Блискиот Исток, а турнејата ќе заврши во Манила, на Филипините во март 2027 година. Компанијата додаде дека тие датуми сѐ уште не се утврдени.

Пред нивната воена служба, „БТС“ генерираа над 5,5 трилиони вони (3,7 милијарди долари или 1,18 милијарди евра) годишно за јужнокорејската економија.

Групата го држи рекордот за најстримуван изведувач на „Спотифај“ и стана првиот К-поп-состав којшто истовремено се искачи на врвот на топ листите „Билборд 200“ и „Билборд артист 100“ во САД.  си/ссм/

Фото: ЕПА. 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан