• недела, 22 декември 2024

Ифо Институт: Германија и ЕУ мора да се подготват за тарифите на Трамп

Ифо Институт: Германија и ЕУ мора да се подготват за тарифите на Трамп

Минхен, 6 ноември 2024 (МИА) - Според Ифо Институтот, за економски истражувања, економската политика на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе предизвика големи проблеми за Германија и Европската Унија.

Трамп спроведува изразено протекционистичка агенда со повисоки увозни тарифи и поголеми ограничувања на меѓународната трговија, особено кон Кина и потенцијално кон Европа, изјави претседателот на Ифо, Клеменс Фуест, препорачувајќи преземање соодветни мерки.

Германските извозници, за кои САД претставуваат најголем пазар надвор од ЕУ, можат да очекуваат значителни загуби доколку Трамп ја исполни заканата да воведе основни тарифи од 20 проценти на увозот во САД од сите трговски партнери и 60 проценти на увозот од Кина. Овие мерки на реизбраниот американски претседател би предизвикале значителна економска штета од околу 33 милијарди евра само за Германија.

Ифо Институтот, еден од најголемите германски економски тинк-тенк групи, проценува дека германскиот извоз во САД би можел да се намали за околу 15 проценти. Дополнително, извозот во Кина би се намалил за 10 проценти, бидејќи извозот на Кина во САД би претрпел масивен пад.

Мораме да бидеме подготвени дека САД ќе се оддалечи уште повеќе од отворената, глобална соработка, предупредува Лисандра Флах, директор на Центарот за меѓународна економија при Ифо Институтот.

- Германија и ЕУ сега треба да ја зајакнат својата позиција со свои мерки. Ова вклучува подлабока интеграција на услугите во ЕУ и кредибилни контрамерки против САД, препорачува таа. На пример, новосоздадениот ЕУ инструмент против економска принуда би можел да се користи. Покрај тарифите, инструментот предвидува дополнителни контрамерки во случај на економска принуда. Германија и ЕУ, исто така, би можеле да ја зајакнат соработката со одделни американски држави. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан