• четврток, 21 ноември 2024

Иран го повика Трамп да ја преиспита политиката на „максимален притисок“ кон Техеран

Иран го повика Трамп да ја преиспита политиката на „максимален притисок“ кон Техеран

Техеран, 9 ноември 2024 (МИА) – Иран го повика новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ја преиспита политиката на „максимален притисок“ што ја спроведуваше против Техеран за време на неговиот прв мандат, изјави денеска иранскиот потпретседател за стратешки прашања Мохамед Џавад Зариф.

- Мора да сфати дека политиката на максимален притисок што тој ја иницира доведе до збогатувањето ураниум за нуклеарна бомба на Иран да достигне 60 отсто од 3,5 отсто, рече тој.

Зариф истакна дека Трамп треба да ги погледне и предностите и недостатоците на оваа политика, како и дали сака „да ја продолжи или промени оваа штетна политика“.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багај, во четвртокот изјави дека се надева дека враќањето на новоизбраниот претседател во Белата куќа ќе му овозможи на Вашингтон да ги „ревидира погрешните пристапи од минатото“.

Претходно денеска Багај изјави и дека тврдењата дека Иран планирал да го убие новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се неосновани, наведувајќи дека тоа е заговор чија цел е да ги усложни прашањата меѓу Техеран и Вашингтон.

За време на неговиот прв мандат, Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор на Вашингтон и Техеран од 2015 година и нареди убиство на командантот на Иранската револуционерна гарда Касем Сулејмани во Багдад во јануари 2020 година. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан