• среда, 23 октомври 2024

Иранскиот претседател отпатува на Самитот на БРИКС во Казан

Иранскиот претседател отпатува на Самитот на БРИКС во Казан

Техеран, 22 октомври 2024 (МИА) - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан даде изјава на меѓународниот аеродром Мехрабад, пред да замине за Казан, Русија, за да учествува на Самитот на БРИКС, откако доби официјална покана од неговиот руски колега Владимир Путин, пренесе иранската новинска агенција ИРНА.

Пезешкијан истакна дека БРИКС е организација создадена да изгради единство и сплотеност меѓу нејзините членки и да контролира дел од неоспорливата моќ на САД.

Тој нагласи дека за време на неговата посета, планира да склучи поволни договори во областа на енергетиката, индустријата, трговијата и туризмот.

Патувањето ќе му овозможи на Пезешкијан да се сретне со лидерите на Русија, Кина, Индија и други држави кои ќе присуствуваат на самитот.

Тој посочи дека присутните лидери на самитот ќе ги претстават своите позиции за БРИКС и ќе влијаат врз едностраните потези на САД во меѓународните односи.

Пезешкијан ќе одржи три говори на различни средби во рамките на собирот и ќе има билатерални разговори со шефовите на држави за зајакнување на односите.

Самитот на БРИКС започна денеска во рускиот град Казан, а Исламската Република Иран првпат учествува како официјална и постојана членка.

БРИКС беше основан во 2009 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, а една година подоцна се прошири со Јужноафриканската Република. Минатата година, блокот дополнително се прошири во форматот БРИКС+ со приклучувањето на Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати како постојани членки. ссм/

фото: архива

Остани поврзан