Иранска ракета ја погоди болницата во Бершеба
- Израелското Министерство за надворешни работи објави дека иранска балистичка ракета ја погоди болницата Сорока во Бершеба, во која се лекуваат Евреи, муслимани, христијани и арапски бедуини.
Тел Авив, 19 јуни 2025 (МИА) - Израелското Министерство за надворешни работи објави дека иранска балистичка ракета ја погоди болницата Сорока во Бершеба, во која се лекуваат Евреи, муслимани, христијани и арапски бедуини.
-Израел ќе продолжи да прави што мора за да ги заштити сите свои луѓе, од сите сфери на животот, соопшти Министерството.
Иранските медиуми објавија дека салво од ракети летаат кон Израел. „Технолошки напредни ракети летаат над Тел Авив“, објави новинската агенција Фарс, додека иранската државна телевизија емитуваше снимки во живо од Тел Авив.
Иран утрово објави дека ќе го натера Израел да „се кае и да плати“ за сите свои напади, на седмиот ден од невидената и интензивна војна меѓу двете земји.
-Иран ќе продолжи да го користи своето право на самоодбрана со гордост и храброст, а ние ќе го натераме агресорот да се кае и да плати за својата тешка грешка, напиша иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, на X, обвинувајќи го Израел дека се обидува да „го прошири конфликтот во регионот и пошироко“. мс/
фото: Принтскрин „Х“