• недела, 12 мај 2024

Интер Мајами се извини за отсуството на Меси во Хонгконг

Интер Мајами се извини за отсуството на Меси во Хонгконг

Форт Лодердејл, 9 февруари 2024 (МИА) - Интер Мајами се извини што не можеше да игра со Лионел Меси на егзибициониот меч во Хонгконг, одлука што ги налути навивачите и ги разочара организаторите.

Аргентинецот, рекорден осумкратен освојувач на „Златната топка“, во неделата поради повреда пропушти да излезе пред 40.000 навивачи на стадионот во Хонгконг. Тој беше прегледан од медицинскиот персонал кој одлучи дека е премногу ризично за него и соиграчот Луис Суарез да играат на овој натпревар.

- И покрај нашите најдобри намери, ние разбираме дека има разочарување поради отсуството на Лионел Меси и Луис Суарез на натпреварот во недела и жалиме што тие не можеа да учествуваат. Исто така, сфаќаме дека доцната одлука предизвика разочарување кај нашите поддржувачи во Хонгконг, како и од организаторот на настанот Татлер Азија. Но, мораме да разјасниме дека, за жал, повредите се дел од спортот и здравјето на нашиот играч секогаш мора да биде на прво место, се вели во соопштението на Интер Мајами.

Организаторот на натпреварот објави дека ќе понуди делумно враќање на парите за билетите по реакциите од гневните навивачи и владата поради отсуството на фудбалската ѕвезда.

Три дена подоцна, 36-годишниот Меси влезе во игра во 60. минута од пријателскиот натпревар на Интер Мајами против Висел Кобе во Токио, каде цели блокови седишта на Националниот стадион останаа празни и беа продадени само 28.614 билети. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан