• понеделник, 13 мај 2024

Интерес за нови германски инвестиции, потребни обуки на кадарот и подобра патна инфраструктура

Интерес за нови германски инвестиции, потребни обуки на кадарот и подобра патна инфраструктура

Франкфурт, 5 септември 2023 (МИА) - Интересот на германските компании за инвестиции во Северна Македонија е голем, државата е стабилна и располага со кадровски потенцијал. За потенцијалните германски инвеститори не се проблем трошоците за работната сила, туку ја истакнуваат важноста на нејзините квалификации и ги разгледуваат можностите за нејзино дообразување преку обуки и разни тренинг програми. Укажуваат и на потребата од подобрување на инфраструктурата за побрз транспорт и поефикасна соработка. 

Ова беше посочено на денешната тркалезна маса во Германската стопанска комора во Франкфурт на која пред претставници на над 20 германски компании од различни дејности беа претставени  можностите за инвестирање во нашата држава, владините мерки и поддршката која странските компании ја добиваат. Од владините претставници беше истакнато високото ниво на економска соработка помеѓу Северна Македонија и Германија, изразено со присуство на над 200 компании на македонскиот пазар, како и подготвеноста за соработка во идните инвестициски проекти. 

Ралф Шоман, претставник на компанија за инвестициски конслатинг Хофман енд Колеген, истакна дека интересот на потенцијалните германски инвеститори и на Владата на Северна Македонија е вин-вин ситуација од аспект на задржување на младиот кадар дома. Со делегација од германски компании пред една недела биле во Скопје при што добиле понуди за инвестирање во различни области, дрвна индустрија, фотоволтаици, производство на машини за различни индустрии...

-Денеска повторно се потврди дека Владата на Република Северна Македонија е сериозно заинтересирана да го поддржи потенцијалот на земјата како добар пазар за инвестиции и зошто да не? Наместо илјадници луѓе секоја година да заминуваат од државата, напротив Владата инвестира во својата земја и барем половина од овие млади ќе останат таму. Ова е едноставно вин-вин за сите, изјави Шоман.  

Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германски стопански комори, посочи дека на денешната тркалезна маса уште еднаш се покажало дека е голем интересот на германските компании за инвестиции.

- Имавме голем број интересни разговори, компаните поставуваа конкретни прашања, со каква работна сила располага Македонија, какви квалификации имаат работоспособните кадри, каква државна помош дава државата на потенцијалните инвеститори. Дојдовме до заклучоци со конкретни прашања и конкретен интерес за соработка на нашиот пазар, рече Ванделт.  

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека според пројавениот интерес од претставниците на германската бизнис заедница, реално е да имаме очекување оти германските компании ќе продолжат активно да учествуваат во технолошкото унапредување, одржливиот раст и развој на нашата економија.

- Она што е важно, зборуваме за технолошки напредни компании, етаблирани на глобалните пазари, кои своите успеси не ги темелат на евтина работна сила, туку на човечки ресурси кои се одликуваат со напредно знаење, иновативност, со изградени вештини да бидат дел од најсовремени технолошко производствени процеси, потенцираше Битиќи. 

Тој истакна и дека германските компании се од голема помош во делот на прилагодувањето на стандардите во македонската економија со тие на Европската унија.  Ги претстави и тековните и планираните инвестиции на Владата за изградба на патната и железничката инфраструктура. 

Директорот на Дирекцијата за технолошко идустриски развојни зони Јован Деспотовски рече дека упатиле две клучни пораки, дека Македонија е стабилна држава, мала, но доста флексибилна, може да се прилагоди на барањата на инвеститорите доколку се препознае интересот на граѓаните, како и дека располага со човечки потенцијал.

-Имаме вредни трудољубиви луѓе кои сакаат да работат, меѓутоа тие луѓе треба да се платат. Тоа беше нашата порака што ја пренесовме на инвеститорите денеска. Она што мене ме радува е што се потврди дека не е проблем да се обезбедат поголеми плати за нашите работници. Сите оние стравувања кои се појавија во дел од политичките и деловните кругови дека растот на платите и нашето инсистирање на раст на платите ќе доведе до забавување на процесот на инвестирање се покажува дека не е така, изјави Деспотовски. 

Она што денеска беше отворено од страна на компаните, дополни, не е трошокот за работната сила, туку квалификациите и вештините што Владата, преку програмите што ги развивме во изминатите неколку години веќе дава резултат и стануваме партнер во програмите на компаниите во кофинансирањето на развивањето вештини.

-Пораката е дека имаме потенцијал и очекувам дека од средбите денеска и наредните што следат до крајот на денот со една голема германска банка и голема германска компанија наскоро ќе имаме можност да презентираме и нова голема германска инвестиција, посочи Деспотовски.

Битиќи и Деспотовски престојуваат во работна посета на Германија, на која беше потпишан договор со германската компанија за производство на литиум-јонски батерии „БМЗ“, за реализација на нова  инвестиција која ќе обезбеди над 750 нови вработувања.лв/ев/

ФОТО: МИА/Влада 

 
 

 

 

Остани поврзан