• недела, 22 декември 2024

Сарацин за МИА: Немате време за губење, доколку ги отворите кластерите сега, по уставните измени вашиот пат кон ЕУ е неповратен

Сарацин за МИА: Немате време за губење,  доколку ги отворите кластерите сега, по уставните измени вашиот пат кон ЕУ е неповратен

Струга, 17 јуни 2023 (МИА) - Северна Македонија нема многу време за губење, бидејќи не знаеме што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина. Доколку сега ги отворите кластерите после уставните измени, патот на земјата кон ЕУ е неповратен. Знаеме дека е тешко, но направете го овој чекор заедно со нас, можете да сметате дека Германија ќе биде заедно со вас на овој пат, нагласува во видео-интервју за МИА специјалниот пратеник на Германија за Западниот Балкан, Мануел Сарацин.

- Последниот пат кога бев во Скопје се обидов да објаснам дека Северна Македонија нема многу време за губење, бидејќи не знаеме што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина. Сега има момент каде Европската унија ви вели „дојдете чекор поблиску“. Доколку сега ги отворите кластерите после уставните промени, мислам дека патот на земјата кон ЕУ е неповратен. Вие направивте многу важен чекор, и сите знаат дека вашата земја ќе пристапи, не знаеме колку брзо, но никој веќе не може да ја сврти земјата назад. Гледаме што се случува во вашето соседство и колку е тоа опасно, каде насилни протести повторно се случуваат на улиците после долги години и што ова значи за чувствата на граѓаните од овој регион. Ова кажува: пристапете што е можно побргу, бидете колку што може поблиску до Европската унија, направете го овој пат неповратен сега, за да бидете посигурни при евентуални следни случувања, а не знаеме што да очекуваме во следните недели и месеци, вели германскиот дипломат прашан за тоа колку е сериозна ситуацијата во Косово и можно ли е дестабилизирање на регионот.

Тој додава дека позитивен исход од гласањето на уставните измени би било од огромна важност за земјава, но и за регионот, со оглед на актуелните проблеми на Западниот Балкан.

- Следните месеци ќе бидат клучни за регионот, а позитивен исход од гласањето за уставни измени во Северна Македонија би бил од огромна важност за самодовербата на луѓето дека регионот ќе се движи кон Европската унија. Тоа би било позитивно светло во регионот со оглед на проблемите директно во вашето соседство. Затоа ние се обидуваме да бидеме, можеби од една страна најдобрите пријатели на Северна Македонија, бидејќи понекогаш сме и критички настроени, туку вистински пријатели на Северна Македонија и како вистински пријатели ве повикуваме на следното: знаеме дека е тешко, но направете го овој чекор заедно со нас, можете да сметате дека Германија ќе биде заедно со вас на овој пат, порачува Сарацин во интервјуто за МИА.

Во продолжение следува целосното интервју за МИА на германскиот специјален пратеник за Западниот Балкан, Мануел Сарацин заедно со видео материјал, дадено на маргините на третиот Преспа форум за дијалог во Струга.

Господине Сарацин, Бундестагот усвои резолуција за поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Што оваа резолуција значи за нас и каков ефект очекувате со овој документ кај нас, но и во ЕУ воопшто?

- Прво, не треба да се потцени фактот дека Бундестагот одвои време за да го подготви овој документ и да има посебен заклучок за Северна Македонија, бидејќи во германскиот Парламент и во владината коалиција има правило веќе да не се третираат поединечни земји преку резолуции, а таков исклучок се направи за Северна Македонија. Следните месеци се клучни за Северна Македонија, но и за духот на проширувањето на ЕУ и целиот регион. Така, ова претставува и заложба и ветување. Пратениците ми кажаа дека доаѓале повеќе пати во Северна Македонија и многу политичари, но и луѓе со кои се сретнале, им кажале дека имаат лошо чувство во стомакот и се плашат околу прашањето на идентитетот, околу улогата на јазикот во иднината на ЕУ, околу културата. Многу луѓе побараа од нас да разговараме со вашите соседи околу овој билатерален конфликт.

Секако, ние се обидуваме да бидеме позитивни и да помогнеме, но многу е важно да се каже: слушајте, Германија има јасна позиција за ова, Германија ја вреднува македонската култура, јазик и идентитет и можете да сметате на тоа. Ова е ветување од германскиот Парламент, највисокото тело во германската политика, до сите во Северна Македонија, ветување на кое можете да му верувате, а Германија ќе го поддржува овој пат и во ЕУ исто така, бидејќи за нас, Европската Унија е унија на различности како што Северна Македонија е земја на различности. ЕУ ги прифаќа сите различни јазици, идентитети и култури и ги негува истите, па така ние сме сигурни дека патот на Северна Македонија, патот на македонскиот идентитет, култура и јазик кон ЕУ е многу остварлив. Германија дава ветување дека ќе стои на овој пат.

Во документот се вели „германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Во Европската Унија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, јазиците се составен дел од нашето заедничко културно наследство. Македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа разноликост“. Германија досега никогаш не спорела ништо од горе наведеното, дали со Резолуцијата директно и се обраќате на Бугарија?

- Ова е порака до Македонците дека можете да сметате на нас. Разбирам дека кога гледате како некој негира нешто што е важно за вас, повеќе се фокусирате на ова и се обидувате да докажете, па дури и да се расправате околу тоа. Но, имате пријатели кои не негираат и можеби е подобро да се фокусирате повеќе на оние кои ве поддржуваат и ви ја даваат својата доверба и топло признавање. Бугарија е, исто така, важен и добар пријател на Германија, имаме добри билатерални односи со Бугарија и мене ми е мило што земјата е членка на ЕУ.

Затоа, ова не е порака за Бугарија, ние сметаме дека најдобрата ситуација за Северна Македонија и Бугарија е кога и двете би биле дел од Европската унија. Резолуцијата не е нешто негативно, туку позитивно и ние сакаме преку неа да допреме до сите во Северна Македонија на позитивен начин.

Бевте во Скопје пред неполн месец и сега сте тука во Струга, имавте и средба со премиерот Ковачевски и тогаш и сега порачавте да го искористиме моментумот и да се фокусираме на обврските кои произлегуваат од Преговарачката рамка, што пак предвидува уставни измени и внесување на бугарското малцинство пред втората меѓувладина и отворање на кластерите. Што доколку Северна Македонија не успее да спроведе уставни измени?

- За нас е јасно дека Европската Унија потпиша договор во кој се вели дека ќе ги усвоите уставните измени со цел отворање на првите кластери. Овој предуслов е поставен. Илузија е да се верува дека може повторно да се преговара околу овој договор, а уште поголема илузија да се верува дека она што било договорено минатата година со францускиот предлог може се репреговара за да се дојде до подобар договор.

Очекуваме Северна Македонија да испорача, иако знаеме дека не е лесно ова очекување и не е лесно за земјата да го испорача истото. Доколку Северна Македонија не успее да го направи тоа, ние секако ќе ја почитуваме таа одлука. Не сме ние тие што одлучуваат околу вашиот Устав, туку членовите на македонскиот Парламент. Сепак, ова за нас би значело дека во овој момент, вашиот Парламент не е подготвен да се движи напред на европскиот пат.

Во неколку наврати на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и препорачавте да прифати уставни измени до септември. Неодамна се одржа лидерска средба меѓу премиерот Ковачевски и опозицискиот лидер Мицкоски, навидум има напредок, но сепак и условувања. Колку се реални барањата за опозицијата за одложено дејство на уставните измени?

- Не сум зборувал со господин Мицкоски за точната содржина на овој предлог и затоа не можам да го коментирам. Можам само да кажам дека ние ќе се придржуваме до Преговарачката рамка и до вториот француски предлог и не гледам никаков простор за излегување надвор од ова. Затоа ќе мора да го прашате него или да ми го поставите ова прашање откако ќе имам можност да разговарам на одвоена средба со господин Мицкоски околу предлогот.

Дали може Северна Македонија да добие нова Преговарачка рамка или можеби гаранција дека нема да има натамошни историски условувања од Бугарија?

- Доколку почнеме да зборуваме дека две земји дале предлози за подобра Преговарачка рамка, тогаш следниот пат Украина и Полска ќе дадат одредени предлози, потоа Унгарија и Украина ќе го направат истото или пак можеби треба да ги прашаме Босна и Херцеговина и Хрватска да дадат предлози за Преговарачката рамка, а потоа и целата ЕУ?

Ќе ви го кажам следното. Преговарачката рамка беше едногласно усвоена од 27-те земји членки на Советот на ЕУ и нема повторно да отвораме процес за донесување таква одлука. Таа е донесена и не може да се промени. Таа претставува гаранција за Северна Македонија и не може лесно да се смени, потоа и Бугарија да не може понатаму да поставува нови услови во неа. Тоа беше и една од клучните поенти на предлогот минатата година. Затоа е целосно нереално да се очекува дека ние повторно ќе ја отвориме. Германија ќе биде против повторно отворање на Преговарачката рамка.

Иницијативата на седумте земји од ЕУ, меѓу кои и на Германија, за поголема употреба на квалификуваното мнозинство при носењето одлуки во ЕУ, се однесува и на проширувањето. Кои се проспектите за ваквиот вид одлучување, колку е реално дека вашата иницијатива ќе биде прифатена?

- Знаеме дека ова е тешка дискусија во Европската Унија уште од Лисабонскиот договор, па дури уште од Единствениот европски акт и никогаш не е лесно. Во последните децении успеваме се повеќе да дојдеме до квалификувано мнозинство и би било навистина важно да направиме понатамошни чекори заради способноста на Европската Унија да донесува брзи одлуки на глобално ниво. За ова треба да разговараме со нашите пријатели и партнери и има многу земји, не само во источна Европа, кои се скептични околу ова, бидејќи малите земји се плашат дека нивната моќ би се маргинализирала.

Но, во случајот со Северна Македонија гледаме дека ова може да им наштети на позитивните процеси. Не можам да претпоставам каков ќе биде исходот, но Германија се обидува да го турка овој договор преку соработка, со цел да се добие што повеќе гласање со квалификувано мнозинство преку овој предлог.

Се зголемуваат тензиите во Косово. Постојано повици од меѓународната заедница за смирување, но и повици за нови избори во северно Косово. Колку е сериозна ситуацијата и можно ли е дестабилизирање на регионот, имајќи ги предвид актуелните геополитички случувања, војната во Украина?

- Последниот пат кога бев во Скопје се обидов да објаснам дека Северна Македонија нема многу време за губење, бидејќи не знаеме што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина. Сега има момент каде Европската унија ви вели „дојдете чекор поблиску“. Доколку сега ги отворите кластерите после уставните промени, мислам дека патот на земјата кон ЕУ е неповратен. Вие направивте многу важен чекор, и сите знаат дека вашата земја ќе пристапи, не знаеме колку брзо, но никој веќе не може да ја сврти земјата назад.

Гледаме што се случува во вашето соседство и колку е тоа опасно, каде насилни протести повторно се случуваат на улиците после долги години, и што ова значи за чувствата на граѓаните од овој регион. Ова кажува: пристапете што е можно побргу, бидете колку што може поблиску до Европската унија, направете го овој пат неповратен сега, за да бидете посигурни при евентуални следни случувања, а не знаеме што да очекуваме во следните недели и месеци.

Следните месеци ќе бидат клучни за регионот, а позитивен исход од гласањето за уставни измени во Северна Македонија би бил од огромна важност за самодовербата на луѓето дека регионот ќе се движи кон Европската унија. Тоа би било позитивно светло во регионот со оглед на проблемите директно во вашето соседство. Затоа ние се обидуваме да бидеме, можеби од една страна не најдобрите пријатели на Северна Македонија, бидејќи понекогаш сме и критички настроени, туку вистински пријатели на Северна Македонија и како вистински пријатели ве повикуваме на следното: знаеме дека е тешко но направете го овој чекор заедно со нас, можете да сметате дека Германија ќе биде заедно со вас на овој пат.

Виолета Геров

Фото: МИА

Снимател: Аслан Вишко

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан