• сабота, 21 декември 2024

Индиските сили убиле пет бунтовници во борбите во Кашмир

Индиските сили убиле пет бунтовници во борбите во Кашмир

Сринагар, 17 ноември 2023 (МИА) – Индиските владини сили убиле пет бунтовници во размена на оган во делот на Кашмир под контрола на Индија, соопшти денеска полицијата.

Индиските безбедносни сили вчеравечер почнаа заедничка операција по добиена информација дека бунтовниците се кријат во село во јужниот округ Кулгам. Опсадата довела до вооружена конфронтација што траеше до денеска.

Полицијата соопшти дека во конфликтот се убиени петмина бунтовници кои учествувале во неколку напади врз владините сили и цивилите.

Најмалку двајца од убиените се тинејџери, а тројца од нив се приклучиле на бунтовниците минатата година, наведе полицијата.

Локалните жители соопштија дека индиската војска за време на борбите им уништила две куќи со експлозив и оштетила уште една, што е вообичаена пракса на индиските војници во борбите со бунтовниците во Кашмир.

Индија и Пакистан - ривали со нуклеарно вооружување, оделно управуваат со својот дел од територијата на Кашмир, но и двете земји полагаат право на целата територија на оваа планинска област.

Бунтовничките групи се борат од 1989 година за независност на Кашмир или за негово припојување кон Пакистан. Повеќето муслимани во Кашмир ги поддржуваат бунтовниците.

Властите во Њу Делхи тврдат дека тероризмот во Кашмир е спонзориран од Пакистан, но официјален Исламабад тоа редовно го негира.

Властите во Њу Делхи во 2019 година еднострано ја укинаа полуавтономијата на Кашмир и драстично ги ограничија граѓанските и медиумски слободи и ги засилија операциите против бунтовниците. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан