Илон Маск создава нов центар на моќ во Вашингтон
- Ниту еден повереник на претседател досега во историјата на САД нема добиено такви надлежности какви што доби Маск од претседателот Доналд Трамп. Најбогатиот човек во светот е сојузник на Трамп и тоа му овозможи за две недели да создаде нов центар на моќ во Вашингтон, спроведувајќи ги иницијативите на претседателот на САД за кратење на државните трошоци и бирократијата. Овие чекори предизвикаа бран од паника меѓу државните службеници, јавни протести, а понекогаш фрлаат сенка и врз самата агенда на Трамп.
![Илон Маск создава нов центар на моќ во Вашингтон](https://mia.mk/images/20250208100524_big_730x400_61.webp )
Вашингтон, 9 февруари 2025 (МИА) - Откако Илон Маск брзо презеде под своја контрола две агенции на владата на САД, милијардерот се здоби со директен надзор на над 2,2 милиони федерални службеници и можност радикално да ја промени структурата на американската влада.
Ниту еден повереник на претседател досега во историјата на САД нема добиено такви надлежности какви што доби Маск од претседателот Доналд Трамп.
Најбогатиот човек во светот е сојузник на Трамп и тоа му овозможи за две недели да создаде нов центар на моќ во Вашингтон, спроведувајќи ги иницијативите на претседателот на САД за кратење на државните трошоци и бирократијата. Овие чекори предизвикаа бран од паника меѓу државните службеници, јавни протести, а понекогаш фрлаат сенка и врз самата агенда на Трамп.
Во изминатите две недели, американската јавност не можеше да се соземе од брзината на случувањата – започната трговска војна со Канада и Мексико отиде во втор план по заканите на Маск да ја „демонтира“ Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).
Сето ова е дел од планот на Трамп за голема реформа на владата: во првите денови од својот мандат претседателот на САД отстрани од функција стотици државни службеници и брзо назначи многумина лојални кадри.
-Американците стануваат сведоци на извонредна централизација на власта во рацете на некој кој нема пристап до доверливи податоци и не поминал процедура за одобрување во Сенатот, изјави Дон Мојнихан од Универзитетот во Мичиген.
-Маск се здоби со централизиранa контрола врз клучните инструменти на владата без преседан, додаде тој.
Висок службеник од Белата куќа неделава изјави дека Маск и неговиот тим инженери од ДОГЕ – Оддел за владина ефикасност – поминале проверки и добиле пристап до владините податоци.
Специјален владин работник
Маск дејствува во согласност со желбите на Трамп. Претседателот претходно изјави дека сè што прави милијардерот е со дозвола од Белата куќа и дека тој е „специјален владин работник“.
-Илон не може и нема да прави ништо без наше одобрение, таму каде што треба ние му даваме дозвола, каде што не треба – не. Тој нас нѝ реферира, изјави Трамп.
На прашањето од кого се плашат дека ќе бидат отпуштени, вработен во Управата за општи служби изјавил: „Од Маск. Никој всушност не зборува за Трамп“.
Трамп го постави Маск на чело на агенцијата која двајцата ја крстија Департмент за ефикасност на владата (Department of Government Efficiency). Иако во називот стои „владина“ тоа не е официјална институација: Маск не добива државна плата, додека создавањето на ДОГЕ предизвика лавина од судски тужби од синдикати, регулаторни тела и невладини организации.
Агенцијата работи и во некаква полутајност – не се знае колку точно лица се вклучени во ДОГЕ – администрацијата на Трамп не објави список и колку и дали тие примаат плати.
Сето тоа не беше пречка Маск и ДОГЕ да ги земат под своја контрола компјутерските системи на Канцеларијата за управување со персонал (ОПМ) и Управата за општи служби (ГСА). OПM е одговорна за кадровските прашања за околу 2,2 милиони федерални службеници. Минатата недела, од OПM беа испратени пораки со понуди за отпремнина за федералните работници доколку тие доброволно ја напуштат работата. ГСА, пак, управува со државните договори и федералниот имот.
Најмалку четворица актуелни и поранешни соработници на Маск се дел од тимот што ја презеде контролата врз OПM и оневозможи пристап до компјутерските системи на некои од раководителите. Маск веќе дојде во ГСА, и заедно со членовите на неговиот тим се смести во канцелариите. Поради „тешката работа“ и посветноста да ги завршат реформите, тие понекогаш ноќеваат таму на импровизирани кревети, соопштија извори блиски на Маск.
Минатата недела во петокот, неговиот тим доби пристап до системот за плаќања на Министерството за финансии на САД, преку кој годишно се префрлаат повеќе од шест трилиони долари до федералните агенции. Системот содржи лични податоци на милиони Американци кои добиваат социјални надоместоци, поврат на данок и други исплати.
-Тие сега одлучуваат кои плаќања ќе ги извршува федералната влада, изјави Мајкл Линден, поранешен служебник во Управата за буџет во администрацијата на Џо Бајден.
-Оние кои работеле во компаниите на Илон знаат што се всушност се праи сега во владата, изјави Томас Молајн, поранешен висок инженер на „СпејсИкс“.
Експертите за менаџмент велат дека Маск веќе ги надминал овластувањата дадени со извршната наредба за создавање на ДОГЕ, потпишана од Трамп на 20 јануари.
-Имаме четврти столб на власта наречен Илон Маск, изјави конгресменот Џејми Раскин, демократ од Мериленд, за време на протест пред канцелариите на УСАИД.
Распаќе
Се случува токму истото што се случи и во 2022 година, кога Маск го купи Твитер и потоа од компанијата отпушти илјадници вработени – на сите федерални службеници им беше испратена ел-пошта со наслов „Распаќе“, во која им се нуди договор – да добиваат плати до септември ако доброволно си заминат до 6 февруари (неделава понудата беше продолжена до 10 февруари).
Синдикатите ги советуваат работниците да не го прифаќаат договорот, предупредувајќи дека можеби е нелегитимен поради нејасноста како ќе се финансираат исплатите. Неделава, синдикатите поднесоа тужба за блокирање на програмата за отпремнини. Федерален суд завчера привремено ги стопираше предложените исплати, што претставува рва победа за синдикатите.
И покрај блокадата, над 60.000 федерални службеници веќе го прифатиле договорот, според најнова изјава од Белата куќа.
Правни експерти изразуваат загриженост поради оромната моќ на Маск врз федералните кадри и исплатите, без да сноси некаква одговорност. кб/
Фото: ЕПА