Вертикалниот коридор е дел од националната безбедност на земјите од Југоисточна Европа, изјави извршниот директор на „Булгартрансгаз“
- Инвестицијата во развојот на постојната мрежа за изградба на Вертикалниот коридор е инвестиција во националната безбедност на земјите во регионот. Ова го изјави извршниот директор на „Булгартрансгаз“, Владимир Малинов, за време на неговото учество на 22-та годишна конференција на Гасната инфраструктура Европа (ГИЕ) во Атина, Грција, соопшти компанијата. Настанот се одржува во грчката престолнина денеска и утре
Софија, 5 јуни 2025 – Инвестицијата во развојот на постојната мрежа за изградба на Вертикалниот коридор е инвестиција во националната безбедност на земјите во регионот. Ова го изјави извршниот директор на „Булгартрансгаз“, Владимир Малинов, за време на неговото учество на 22-та годишна конференција на Гасната инфраструктура Европа (ГИЕ) во Атина, Грција, соопшти компанијата. Настанот се одржува во грчката престолнина денеска и утре.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Според неговите зборови, насочените напори на операторите за пренос на гас од Југоисточна Европа дадоа видливи резултати, а Вертикалниот коридор прерасна од иницијатива во инфраструктура што веќе е во изградба со клучна улога за нашата енергетска безбедност.
За време на настанот, членовите на асоцијацијата ГИЕ, кое обединува 62 оператори на гасоводни мрежи, складишта и терминали за течен природен гас (ЛНГ) во 28 земји, дискутираа за иднината на енергетската инфраструктура и улогата на природниот гас во постигнувањето одржлива енергетска транзиција. Тема на воведниот панел, на кој учествуваа Владимир Малинов и претседателот на ГИЕ, Арно Букс, беше енергетската безбедност и стратешките перспективи за Југоисточна Европа и Медитеранот, додаде „Булгартрансгаз“.
Малинов го дефинираше Вертикалниот коридор како одличен пример за регионален енергетски проект од стратешко значење за безбедноста и конкурентноста на Југоисточна Европа. Неговата изградба дополнително ќе ја развие поврзаноста помеѓу мрежите за пренос на гас на Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Молдавија и Украина. Неговата имплементација гарантира олеснување на снабдувањето од сигурни партнери, вклучително и зголемување на протоците на течен природен гас. Тој потсети дека двата проекта, дел од Вертикалниот коридор на бугарска територија, веќе се спроведуваат - за зголемување на капацитетот за пренос на природен гас помеѓу Грција и Бугарија и помеѓу Бугарија и Романија. Планираниот рок за нивно пуштање во употреба е до средината на 2026 година.
Малинов, исто така, ја нагласи потребата операторите на гас да имаат поголема слобода во однос на донесувањето одлуки со цел да се забрзаат и подобрат преземените активности.
БТА потсетува дека официјален преглед на напредокот на изградбата на Вертикалниот гасен коридор се одржа на 29 мај во реонот на селото Микрево, општина Струмјани. На настанот присуствуваа премиерот Росен Жељазков, министерот за енергетика Жечо Станков, министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто, министерот за животна средина и енергетика на Грција Ставрос Папаставру, како и претставници на земјите партнери - Романија, Словачка, Украина и Молдавија.
На учесниците на годишната конференција на ГИЕ, извршниот директор на „Булгартрансгаз“, Владимир Малинов, им го претстави и производот за рута развиен од операторите за пренос на гас на Грција, Романија, Молдавија и Украина за пренос на гас од Грција до Украина со попуст од 25 проценти. Месечниот производ за пренос на гас ќе се нуди секој месец во периодот од јуни до октомври 2025 година. Неговата цел е да и овозможи на Украина да обезбеди дел од потребните количини природен гас од различни извори, вклучувајќи ги САД и други за претстојната зимска сезона.
Во дискусијата беше покренато и прашањето за важноста на кибер безбедноста за операторите за пренос на гас.
„Несомнено, работата за обезбедување кибер безбедност за нашите системи е задолжителен дел од стабилноста на инфраструктурата. Размената на добри практики во оваа област ќе им овозможи на операторите за гас да ја зголемат безбедноста на нивната дигитална инфраструктура на најдобар можен начин“, нагласи Малинов, се додава во соопштението.
Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.