• недела, 22 декември 2024

Израел им даде гаранции на САД дека добиено оружје не го користат во спротивност со меѓународното право

Израел им даде гаранции на САД дека добиено оружје не го користат во спротивност со меѓународното право

Тел Авив, 21 март 2024 (МИА) - Израел достави писмени гаранции до Вашингтон дека оружјето што му го дадоа САД не се користи во Појасот Газа со што би се кршело меѓународното хуманитарно право.

Американскиот Стејт департмент претходно му даде рок од една недела на Израел за да ги достави бараните документи.

До крајот на мај американската агенција ќе процени дали израелските гаранции се веродостојни и ќе ги пријави своите наоди до Конгресот.

Претходно вчера, околу 70 поранешни функционери на американската влада, вклучително и дипломати и воен персонал, го повикаа претседателот Џо Бајден да го предупреди Израел за сериозни последици доколку ги лиши Палестинците од граѓански права и основни добра и ги прошири активностите за населување на окупираниот Западен Брег.

„САД мора да бидат подготвени да преземат конкретни активности за да се спротивстават“ на таквите практики, велат поранешните американски претставници во отвореното писмо до Бајден. Тие нагласуваат дека мерките треба да вклучуваат и „ограничувања на обезбедувањето помош (од страна на САД за Израел) во согласност со американскиот закон и политика“.

Писмото го потпишаа повеќе од 20 поранешни амбасадори и други пензионирани функционери на Стејт департментот, поранешни претставници на Пентагон, на разузнавачки служби и на Белата куќа.

Писмото ја нагласува зголемената загриженост на САД поради израелските операции во Појасот Газа. Акцијата на Израел беше поттикната од нападот на Хамас на 7 октомври во кој беа убиени околу 1.200 луѓе и земени за заложници 253 лица.

Според здравствените власти во Газа, голем дел од територијата на енклавата е уништен, а речиси 32.000 Палестинци се убиени. Според ОН, населението од 2,3 милиони луѓе има малку храна, вода и засолниште, а гладот ​​во некои области достигна нивоа опасни по живот.

Во отвореното писмо се вели дека израелската воена операција против Хамас е „неопходна и оправдана“, но дека акциите на израелската армија се „обележани со постојано кршење“ на меѓународното право. „Десетици илјади цивили од Газа се убиени, од кои мнозинството се жени и деца... Убиството на цивили од ваков карактер и размери не може да се оправда“, напишаа поранешните американски претставници. ссм/

фото: архива

Остани поврзан