Израел го повика ватиканскиот амбасадор на разговор по критиките на папата за нападите во Газа
- Израелскиот весник „Једиот Ахронот“ пренесува дека во Министерството бил повикан амбасадорот на Ватикан, на кој му било кажано дека Израел е разочаран од критиките на папата.
Тел Авив, 26 декември 2024 (МИА) - Израел го повика ватиканскиот амбасадор во Тел Авив, нунциј Адолфо Ијана, во Министерството за надворешни работи откако папата Франциск ги осуди израелските напади во Газа како „суровост, а не војна“. Папата изјави дека насилството над децата, уништувањето на училиштата и болниците претставува „голема суровост“.
Израелскиот весник „Једиот Ахронот“ пренесува дека во Министерството бил повикан амбасадорот на Ватикан, на кој му било кажано дека Израел е разочаран од критиките на папата.
На 22 декември, папата повторно ја критикуваше ситуацијата, нагласувајќи дека „децата се бомбардирани“ и додаде дека тоа е напад кој го „допира срцето“.
Од почетокот на нападите на 7 октомври, загинаа над 45.000 Палестинци, од кои 17.492 деца и 11.979 жени. Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, обвинувајќи ги за воени злосторства. ссм/
фото: архива