Израелската армија повторно гаѓаше две воени бази во Сирија
- Израелската армија денеска соопшти дека повторно гаѓала две воени бази во централна Сирија.

Ерусалим, 25 март 2025 (МИА) – Израелската армија денеска соопшти дека повторно гаѓала две воени бази во централна Сирија.
Израелската војска ги гаѓаше „преостанатите капацитети“ во воените бази Тадмор во Палмира и Т4, на околу 50 километри западно од Палмира, се вели во објава на Телеграм.
Армијата додаде дека ќе продолжи да дејствува за „елиминирање на секоја закана за граѓаните и државата Израел“.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас при вчерашната посета на Ерусалим оцени дека воените дејствија може да предизвикаат нова ескалација.
- Сметаме дека таквата акција не е неопходна ако Сирија во овој момент не го напаѓа Израел, дека ја храни радикализацијата и исто така ја насочува против Израел, рече Калас пред да замине за Западниот Брег на разговори со палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Од падот на Башар ал Асад во декември, Израел изврши десетици напади врз воени локации на поранешните сириски власти, тврдејќи дека сака да спречи арсеналот да падне во рацете на новите власти кои Израел ги смета за „екстремисти“.
Израелската армија се распореди и во демилитаризираната зона на сирискиот Голан, почнувајќи од делот на Голанската висорамнина што Израел ја окупираше во 1967 година и ја анектираше во 1981 година.
Новите сириски власти ја осудуваат израелската „агресија“ врз сирискиот народ и стабилноста на земјата. јт/
Фото: МИА архива