• вторник, 23 јули 2024

Изложба на дела од уметникот Ванчо Кеков во Кавадарци

Изложба на дела од уметникот Ванчо Кеков во Кавадарци

Кавадарци, 22 мај 2024 (МИА) - Изложба на дела од ликовниот уметник и педагог Ванчо Кеков беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци. Изложбата содржи шеесетина  дела создавани во текот на изминатите години и се претежно во техника акварел. Пред присутните се обрати директорот Јаким Зимоски, а за делата и за самиот автор говореа претседателот на Советот на Општина Кавадарци д - р Стојанчо Рамов и виш кустос историчар на уметност Трајче Цветков.

- Имаме задоволство да уживаме во ретроспективната изложба на нашиот почитуван ликовен уметник Ванчо Кеков кој 40 години опстојува и го збогатува македонскиот ликовен свет. Во овие дела со различна сликарска техника во која преовладува акварелот ние проникнуваме и го гледаме неговиот имагинарен свет. Токму со акварелот Кеков блеснува во полн сјај и со право можеме да кажеме дека е еден од наследниците на еден голем уметник на кој исто така заштитен знак му се акварелите а тое е Баснарков. И во тематскиот дел тие се слични а инспирацијата му се пејсажите од Ваташа, Моклиште и Тиквешките природни убавини, рече Цветков. 

Цветков додаде дека кога станува збор за акварелот, Кеков  е една од најтешките ликовни техники која користи водени бои а се слика со прозирен лазурен тенок слој на боја под кој се гледа подлогата на посебната акварелна хартија со зрнеста текстура.

- Кеков потполна владее со оваа техника а во неговите акварели можеме да приметиме извонредни тоналитети и префинето чувство за односот меѓу тоновите кои се карактеристични само за оваа сликарска техника. Неговите дела се рефлексија на неговиот внатрешен порив, спокој и внатрешен мир и асоцијација за свежина и сјај. На прв поглед тие оставаат впечаток на крајна спонтаност и леснотија на изразувањето, што е само привидно, зошто како постапка неговите дела бараат посебна вештина на изведување и е поврзано со уметничкиот темперамент. Делата на Кеков се секогаш сигурни и студиозни, па не се сомневам дека и во иднина повторно ќе организираме една ваква изложба, со негови нови дела, зошто тој е во постојана потрага по нови истражувања и концепти, рече Цветков. 

Изложбата ќе трае седум дена и е со продажен карактер. свд/

Фото: МИА 

Остани поврзан