• понеделник, 22 јули 2024

Излезе од печат романот „Идис“ од Робер Бадентер

Излезе од печат романот „Идис“ од Робер Бадентер

Скопје, 28 ноември 2023 (МИА) - Романот „Идис“ од Робер Бадентер, новата книга од издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ преведена од француски на македонски јазик од Гзиме Старова, денеска излезе од печат. Објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура.

Бадентер е познат кај публиката преку неговиот ангажман околу осамостојувањето на Македонија по распадот на СФРЈ, но и како книжевник кој многу добро го познава писателскиот занает.

Тој овој роман го напишал од почит кон својата баба по мајка, Идис. Пишувајќи за нејзиниот живот и патешествието на семејството како еврејски емигранти на Руската империја, Бадентер дава еден неверојатен приказ на животот на неколку генерации на семејството на неговата баба како еврејски емигранти, дојдени во Париз пред 1914 год.

  - „Идис“ е високо оцента книга од книжевната критика и е популарна меѓу рафинираните читатели. Оваа книга претставува вистинско книжевно доживување, велат од ИЛИ - ИЛИ.

Робер Бадентер (Париз, 1928) e француски адвокат и политичар. Завршил студии по литература и право во Париз. Магистрирал на Универзитетот Колумбија (САД, 1949). Докторирал компаративно право во Париз (1951). Бил адвокат во Апелациониот суд во Париз (1951-1981), министер за правда на Франција (1981-1986) и претседател на Уставниот совет на Франција (1986-1995). Бил и претседател на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија (формирана во 1991), која, под негово претседателствување, констатираше дека РМ ги исполнува сите општи и посебни услови за меѓународно признавање. Поради тоа беше прогласен за почесен доктор на правни науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (1996). сан/SA/

Фото: Издавачка куќа ИЛИ-ИЛИ

Остани поврзан