• недела, 22 декември 2024

Започна меѓународниот фолклорен фестивал „Рудина фест“

Започна меѓународниот фолклорен фестивал „Рудина фест“

Гостивар, 21 јули 2024 (МИА) – Со дефиле на учесниците низ гостиварското село Чегране и ревијален настап, синоќа беше означен почетокот на четвртото издание на меѓународниот фолклорен фестивал „Рудина фест“. Годинава на четири локации низ Полог ќе бидат претставени дел од фолклорните традиции на: Албанија, Бугарија, Италија, Косово, Колумбија, Македонија, Турција, Панама.

Организаторите на фестивалот и домаќини, КУД „Јахи Хасани“ од Чегране за оваа година предвидоа фестивалот да го видат повеќе граѓани.

- Традиционално со ревијален настап, фестивалот се отвора во Чегране. Годинава, една вечер ќе имаме и во соседното Тетово. Таму, вечерва фолклорните групи ќе ги изведат нивните точки, а утре и задутре програмата ќе биде претставена и пред гостиварската публика, рече Зани Мехмеди претседател на КУД „Јахи Хасани“ и директор на фестивалот.

Првиот човек на општина Гостивар во обраќањето до публиката и учесниците напомена дека овој настан го става Гостивар на меѓународната мапа на фестивали, на кој покрај домашните настапуваат и реномирани ансамбли од други држави.

- Продолжуваме да бидеме посветени главните културни активности и поддржуваме настани кои ја подобруваат културната понуда во општината и го прават попријатен престојот на нашите иселеници во татковината, рече в.д градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.

Фестивалот што започна синоќа, ќе трае до 23 јули за кога е предвидено доделување на признанијата на најуспешните и затворањето на овогодишното издание. Манифестацијата е финансиски поддржана од Министерството за култура и општина Гостивар.

Името на фестивалот е поврзано со месноста во подножјето на планината Сува Гора. На ова место во 1990 година е одржана правата средба и формирано Движењето за национално помирување за крвна одмазда, во кое членуваат помирувачи, кои освен во Македонија делуваат и во Косово и Албанија.

Во поновата историја оваа локација, која е близу до едно од најнаселените села во Македонија е позната и како место за првиот бегалски камп за време на „косовската криза“ во 1999 година. згм/цр

Фото: МИА

Остани поврзан