• понеделник, 25 ноември 2024

Изворниот фолклор од Осоговијата ќе биде претставен на петдневна турнеја во Словенија

Изворниот фолклор од Осоговијата ќе биде претставен на петдневна турнеја во Словенија

Кочани, 14 февруари 2023 (МИА) – Членовите на фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари почнаа петдневна турнеја во Република Словенија, на која ќе имаат повеќе самостојни и фестивалски настапи во различни градови. Пред словенечката публика, како и пред многубројните македонски иселеници, тие ќе го претстават изворниот фолклор од Осоговијата.

Гостувањето на фолклористите од Кочанско е во рамки на проектот од годишната програма за работа, која доби финансиска поддршка од Министерството за култура при аплицирањето на годишните конкурси по одделни области и активности од културата за 2023 година, односно во делот на музејската дејност и заштитата на нематеријалното културно наследство.

-Покрај подготовките за јубилејниот фестивал по повод празникот Ѓурѓовден, нашиот ансамбл од вечерва ја почнува годината со меѓународни турнеи. Заедно со збратимениот фолклорен ансамбл „Бијела“ од Херцег Нови, Црна Гора до крајот на оваа недела ќе го реализираме гостувањето во Република Словенија. Притоа, фолклористите ќе имаат настапи во градовите Птуј, Марибор, Крањ и Јесенице. Слободното време ќе биде искористено за дружења, забави и еднодневни екскурзии во Грац - Австрија и Трст – Италија, истакна претседателот на ФА „Љупчо Сантов“, Александар Тошев.

Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“, во кој членуваат над 200 млади фолклористи во неколку возрасни категории, годинава ќе биде организатор и домаќин на Десеттиот меѓународен фолклорен фестивал на традиционални ѓурѓовденски обичаи, песни и ора. Подготовките за негова успешна реалзиација се веќе почнати, а целта е младите да продолжат да ја негуваат македонската култура и традиција, што повеќе децении е дел од програмските активности на ансамблот. та/дма/

Остани поврзан