• петок, 20 декември 2024

Извештај на ОН: Иран и Хезболах го поддржале воениот развој на Хутите

Извештај на ОН: Иран и Хезболах го поддржале воениот развој на Хутите

Њујорк, 26 септември 2024 (МИА) - Милицијата Хути во Јемен се разви „од локална вооружена група со ограничени капацитети во моќна воена организација“ со помош на Иранскиот елитен Корпус на Исламската револуционерна гарда (IRGC), либанската група Хезболах и ирачки специјалисти, се наведува во доверлив извештај на набљудувачи на ОН за спроведување санкции, пренесува Тајмс оф Израел.

Независниот панел на експерти, кој годишно известува до Советот за безбедност на ОН, посочува дека Хутите добивале тактичка и техничка обука надвор од Јемен, патувајќи со лажни пасоши во Иран, Либан и Ирак.

„Многуте сведоштва собрани од панелот од воени експерти, јеменски официјални лица и дури и поединци блиски до Хутите, укажуваат дека тие немаат капацитет сами да развијат и произведат комплексни оружени системи без странска поддршка,“ пишува во најновиот извештај на експертите на ОН, во кој имале увид дел од западните медиуми.

„Обемот, природата и степенот на трансферите на различен воен материјал и технологија, обезбедени за Хутите од надворешни извори, вклучително и финансиска поддршка и обука на нивните борци, е без преседан,“ се вели во извештајот. 

Инаку, Хутите се шиитска групација од Јемен, позната како Ансар Алах. Тие почнале како локално движење во северниот дел на Јемен во 1990-тите, но од 2014 година станаа значајна политичка и воена сила. Хутите го зазедоа главниот град Сана и презедоа контрола врз голем дел од северен Јемен. Војната во Јемен, која започна во 2015 година, стана меѓународен конфликт со вмешаност на регионални сили како Саудиска Арабија, која ја поддржуваше владата на Јемен, и Иран, кој се смета за главен поддржувач на Хутите. ссм/

фото: архива

Остани поврзан