• четврток, 20 февруари 2025

Изборната кампања во Германија влегува во завршна фаза

Изборната кампања во Германија влегува во завршна фаза

Берлин, 17 февруари 2025 

Ал Џезира

Математички гледано и според сегашните испитувања на јавното мислење, Унијата ЦДУ/ЦСУ би можела да формира влада со СПД, т.н. голема коалиција.

Една недела пред предвремените парламентарни избори во Германија, се поверојатна е победата на Унијата ЦДУ/ЦСУ и кандидатот за канцелар на Демохристијаните Фридрих Мерц, додека кратката изборна кампања дополнително ја подели нацијата, особено по прашањето за миграцијата.

ЦДУ/ЦСУ

Во речиси сите репрезентативни анкети, ЦДУ/ЦСУ со недели има поддршка од околу 30 проценти. Десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) се наметна на второто место. На третото и четвртото место со речиси 15 отсто се Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц и Партијата на зелените, пренесува Хина.

Влезот во парламентот е неизвесен за партијата Левица, Либерално-демократската партија (ФДП), која беше во последната влада и за новооснованата популистичко-левичарска алијанса Сахра Вагенкнехт (БСВ).

Веројатната победа на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), која ја претставува Христијанско-демократската опција на федерално ниво, и баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), ќе биде, сепак, првиот чекор во формирањето стабилна влада, многу потребна на земјата која се соочува со голем број проблеми, кои се движат од нерегулирана миграција до проблематична економија и застарена инфраструктура.

Математички гледано и според сегашните испитувања на јавното мислење, Унијата ЦДУ/ЦСУ би можела да формира влада со СПД, т.н. Голема коалиција која веќе владееше со земјата во неколку наврати, а последната беше под канцеларката Ангела Меркел.

Оваа прогноза ја поткрепуваат не само сличните ставови за многу политички теми, туку и фактот што во последно време актуелниот канцелар Шолц и неговиот предизвикувач Мерц избегнуваат жестоки напади еден врз друг.

Единствен исклучок е обидот на Фридрих Мерц да протурка некои антиимиграциски иницијативи во Бундестагот со помош на гласовите на АфД, неколку недели пред изборите. За СПД, но и за дел од јавноста, Мерц на тој начин го прекрши ветувањето дека во никој случај нема да соработува со екстремистички партии, нешто за што редовно беше обвинуван во текот на изборната кампања.

Коалицијата меѓу Унијата и Зелените е малку веројатна поради големите разлики во ставовите за фундаменталните прашања, како и силниот отпор на ЦСУ, која стави вето на постизборната соработка со Зелените.

ЦДУ/ЦСУ не сака по секоја цена да коалицира со АфД, а таков став имаат и демохристијаните кон партиите кои ги сметаат за екстремистички, а во кои, според нив, се и Левицата и БСВ.

Противниците на миграцијата, предводени од АфД, добија поддршка и по неколкуте напади во Германија, во кои извршители беа мигранти од Авганистан и Сирија, што го зголеми притисокот врз актуелната влада на Олаф Шолц да започне со воведување мерки од почетокот на есента, вклучително и воведување контрола на сите копнени граници.

Во меѓувреме, постои консензус за потребата од намалување на миграцијата.

Иако СПД и ЦДУ/ЦСУ меѓусебно се обвинуваат за зголемување на илегалната миграција, расте верувањето дека партиите од демократскиот центар мора да соработуваат поблиску, особено за да се намали нерегулираната миграција и со тоа да се намали влијанието на АфД.

„Јасно е дека сите центристички партии мора да соработуваат за да ја спречат АфД да дојде на власт порано или подоцна“, изјави за АФП политикологот Маријана Кнејер од Техничкиот универзитет во Дрезден.

Мерц рече дека ќе има за цел да формира нова влада до Велигден, која се соочува со загрижувачки список на задачи со кои мора да се соочи, а кои би можеле да станат уште поголеми во ера на зголемени геополитички турбуленции.

Германската економија, на која долго и завидува целиот свет, не може да се врати на својата позиција пред пандемијата. Нацијата извозник се соочува со уште повеќе проблеми бидејќи Кина од клучен пазар за германскиот извоз се трансформира во клучен конкурент.

Но, најголемиот предизвик може да дојде од Вашингтон, долгогодишниот главен сојузник на Берлин. Доналд Трамп и за време на првиот мандат не го криеше непријателството кон земјата на своите предци, а настаните на Минхенската безбедносна конференција, која се одржа минатиот викенд, покажуваат дека САД целосно и вртат грб на Европа, а особено на Германија, како што пишува Хина.

Единствената поддршка која моментално доаѓа кон Германија од другата страна на Атлантикот е поддршката за АфД. Новиот човек на Трамп, Илон Маск, и неговиот потпретседател Џеј Ди Венс, исто така јавно ја поддржаа оваа партија.

Германскиот институт за економски истражувања предупреди дека „оваа неизвесност и ескалација на трговскиот конфликт“ може да ја чини германската економија до еден процент од економското производство и да ја продолжи рецесијата за уште една година. мс/

фото: Пиксабеј/МИА архива/ЕПА

Остани поврзан