• вторник, 05 ноември 2024

ЗНМ и УНДП ги доделија наградите за „Креативност и новинарска етика“

ЗНМ и УНДП ги доделија наградите за „Креативност и новинарска етика“

Скопје, 11 јуни 2024 (МИА) - Новинарот Михаил Милошевски од 360 Степени со темата „Бугарскиот клуб на Косово што го отвори Јотова - под клуч“ е добитник на првата награда за „Креативност и новинарска етика“ што ја доделува Здружението на новинари на Македонија во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Првонаградената сторија се работи за југозападниот дел на најмладата европска држава, Косово и се наоѓа областа Гора. А таму, покрај Албанци и Бошњаци, голем дел од населението се декларира како Горанци – народ со муслиманска вероисповест кој говори јужнословенски јазик.

Втората награда годинава ја освои новинарот Ардит Рамадани за темата „Жените во МК не го добиваат својот фер дел, традицијата е посилна од законот“, објавена на mollekugja.mk.

Во оваа сторија се споделува статистика каде жените во Северна Македонија се откажуваат од наследството за да не ги расипат односите со своите браќа. Според регионите, во Полог има помалку жени сопственици, а само 17 отсто од жените поседуваат имот во Тетово и Гостивар.

Третата награда беше доделена на четири новинарки – на Вања Мицевска и Весна Коловска за трите стории поврзани во низа со наслов „(Не)оправданите стравови го извадија „оружјето“ на борците за традиционалните вредности во регионот“, „Во битката против родовото редефинирање тргна сојуз на верски и граѓански организации, политички партии и антиваксери“ и „Кога мажот станува жена го преполни јавниот простор со поделби, говор на омраза и манипулација“, и на Валентина Вурмо и Анета Ристеска за обработка на темите со наслов „Системот е продолжена рака на насилството, насилниците се извлекуваат со условни казни“ , објавена на Лицевлице.мк. 

Покрај наградените, денеска посебно признание ѝ беше врачено на Елена Гаговска за сторијата „Анатомија на убиството во Кочани“, објавена на Призма. 

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски во своето обраќање пред присутните ја истакна важноста од постоење на желба за истражување и етички пристап кон работата, како единствен начин за борба против напливот на информации во дигиталната ера.

- Во време кога информациите се во голем број и лесно достапни, улогата на новинарите никогаш не била покритична. Ние не сме само пренесувачи на вести; ние сме раскажувачи, истражувачи и чувари на вистината. Наша задача е да ја презентираме, да информираме и едуцираме и да бараме одговорност од власта, рече тој.

Чадиковски информираше дека меѓу апликациите кои пристигнале имало различни профили на стории.

- Тоа е факт кој ме радува навистина затоа што докажува дека колегите имаат мотивација да работат уште повеќе. На овој начин можеме да ја пробиеме вревата на дигиталната ера. Знам дека е голем предизвик да се работи во општество како нашето, но не смееме да се откажуваме. Во свет каде дезинформациите се неконтролирани, нашите етички стандарди се поважни од кога било, дополни тој.

Армен Григорјан, постојаниот претставник на УНДП во земјава, ја акцентираше потребата од ваков вид настани со цел да се идентификуваат дезинформациите и лажните наративи во општеството:

- Објавувањето на новинарските награди за креативност и новинарска етика преку разоткривањето на дезинформациите ја симболизира заедничката посветеност на зајакнувањето на нашите способности да се спротивставиме на дезинформациите, лажните вести и дезинформациите засновани на пол, кои претставуваат своевидна современа закана за демократијата и слободата на говорот, рече тој.

Дополни дека наградите се длабоко поврзани со нивнитенапори за борба против дезинформациите и промовирање на родово чувствителни известување, а со тоа зајакнување на интегритетот на новинарот. ар/аа/
Фото: ЗНМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан