Бојковска: Законското решение на СДСМ е несериозно и не решава ниту еден проблем
- Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата нема да го прифатат законското решение поднесено од СДСМ, бидејќи е несериозно и не решава ниту еден проблем, соопшти денеска пратеничката од владејачкото мнозинство Драгана Бојковска.
Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) - Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата нема да го прифатат законското решение поднесено од СДСМ, бидејќи е несериозно и не решава ниту еден проблем, соопшти денеска пратеничката од владејачкото мнозинство Драгана Бојковска.
- Напишано брзоплето, без никаков аргумент и економска логика, што впрочем можеше да се види и од излагањето на колешката Јована Тренчевска. Истите оние што ја разурнаа македонската економија и што животниот стандард на граѓаните го донесоа на дното, сега со лажна грижа нудат решенија што не можат да го подобрат животот на луѓето. Нов ден – ново економско промашување од партијата на богаташот од Дубаи. Најверојатно на пауза во хотелот „Хилтон“ во Дубаи ја добиле идејата за да поднесат законско решение коешто и самите четирипати го отфрлија во минатиот мандат, вели Бојковска.
Таа потсети дека претходната власт го покачи ДДВ на над 2.000 прехранбени производи.
Бојковска им порача на социјалдемократите дека доколку сакаат навистина да им помогнат на граѓаните, единствено што треба во моментот да направат е да гласаат за Буџетот за 2025-та година.
- За повисоки плати на сите работници, за 5.000 денари повисоки пензии за сите пензионери, за реализација на четири нови автопатишта, за повисок студентски оброк, за реконструкција на студентски домови, за ваучер од 250 евра за секој студент, за рекордно висока сума на капиталните инвестиции. Имаме конкретен план кој дава резултати, рече Бојковска. ир/са/
Фото: МИА архива