• понеделник, 23 декември 2024

„Златен објектив“ за доајенот на филмската уметност Столе Попов

„Златен објектив“ за доајенот на филмската уметност Столе Попов

Скопје, 29 мај 2024 (МИА) - За исклучителниот придонес во развојот на македонската кинематографија, плодното творештво и белегот што го остави во домашната филмска индустрија, на доајенот на македонскиот филм Столе Попове денеска му беше врачена наградата „Златен објектив“ што ја доделува Кинотеката на Северна Македонија.

Во присуство на неговите блиски, пријатели, соработници и почитувачи на неговото дело, наградата му ја врачи в.д. директорот на Кинотека Бојан Станишиќ. За Столе Попов, како филмски автор, продуцент, сценарист и професор, и за неговото влијание во градењето на културните политики за развој на домашниот филм, се осврна филмологот Арсим Лесковица.

-Во светот на филмот величината на режисерот се остварува низ неговите визии, иновации и способност да ги воведе гледачите во нови светови. Столе Попов е режисер кој со своето уметничко водство и креативност го обликува искуството на филмот. Неговите филмови го менуваат начинот на кој го гледаме и разбираме светот околу нас. Столе Попов останува водечка фигура во полна смисла на зборот на современата кинематографија, инспирирајќи ги следните генерации на креативци, режисери и љубители на филмот. Сите негови филмски остварувања остануваат врежани во срцата и меморијата на реципиентите оставајќи трајни отпечатоци во културата и историјата на кинематографијата, рече Лековица.

Наведувајќи ги филмските остварувања од документарниот и играниот жанр, за кои Попов е наградуван со голем број награди и признанија на угледни фестивали дома и во странство, а беше номиниран и како македонски претставник за престижната статуетка на Американската филмска академија - Оскарот, филмологот Лековица ќе порача дека неговото творештво е вградено во големо светско цивилизациско наследство.

-Да се родиш и да живееш во Македонија, а да не си ги погледнал филовите на Столе Попов можеби е исто како да си се родил и живеел во една древна цивилизација како што е Египет и никогаш да не си се запознал со величенствените пирамиди. Ако не за нешто друго, барем да се соочиме за миг со нашето незнаење како и интелектуална ароганција понекогаш,  а истовремено да бидеме дел од едно кулутролошко и големо светско цивилизациско заедништво, рече филмологот Лесковица. 

На свеченоста која започна со прикажување на исклучителниот и наградуван спот за песната „Скопје“ на Леб и сол, чиј автор е Попов, режисерот се заблагодари на ова признане и чест од Кинотеката, со која рече го врзуваат многу години. Во разговор со позната филмска критичарка и проследувачка на македонската и и светската кинематографија, Илинденка Петрушева, тој говореше за своето филмско творештво и работно искуство, но и за анегдоти од богатата кариера.

-Филмот „Австралија, Австралија“ го снимив пред 50 години. Ме радува што очигледно филмовите кои што сум ги работел траат во времето, одолеваат на ефемерноста која што особено во филмската уметност е многу видлива. Меѓутоа Кинотеката е таа која треба да ги сочува филмовите и добива една улога како на една добра винарија да остави да созреат филмовите и тие самите потоа го покажуваат своето опстојување, рече режисерот Попов кој ја загатна и улогата на модерната технологија и ерата на дгитализацијата врз човечката цивилизација.

Кинотеката оваа година воведе уште едно признание, т.н. „Специјален Златен објектив“ наменето за луѓето кои професионално се занимаваат со филмска архивистика и кинотечна дејност. Добитник на специјалното признание на Кинотеката за 2024 година е Киро Велков, долгогодишен филмски техничар, киноапаратер и филмски архивист, а признанието му се доделува за неговиот придонес во развој на кинотечната дејност.

„Златниот објектив“ е признание кое Кинотеката, како национален филмски архив, го воведе пред повеќе од 15 години, а го доделува по повод роденденот на институцијата – 29 април 1974 година, кога е објавен Законот за формирање на кинотеката. Ова признание е наменето за филмски автори и професионалци, кои преку својот работен ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Досегашни добитници на ова признание биле режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – „Оган“ (1974) и „Австралија, Австралија“ (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со „Дае“, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонската, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – „Црвениот коњ“, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови „Среќна Нова ‘49“ (1986), „Тетовирање“ (1991), „Џипси Меџик“ (1997) и „До Балчак“ (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.

Во 2011 година - неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание - што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.

Речиси сите негови филмови - и документарните и играните - се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример „Тетовирање и „Среќна Нова ’49“ - се здобиваат и со културен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето...! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет - заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот, кои дошле и доаѓаат по него - поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија...

Во чест на Столе Попов по повод доделувањето на „Златниот објектив“, вечер, со почеток во 20:00 часот ќе се одржи проекција на неговиот култен филм „Тетовирање“ (1991), првиот игран филм создаден во независна Република Македонија кој, несомнено, и по својата содржина, одличните актерски достигнувања, познатите реплики и многу други нешта е впечатливо и единствено филмско дело. По проекцијата на филмот Столе Попов ќе одговара на прашања на публиката во сесија модерирана од Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков режисери од помладата генерација, инаку некогашни студенти на Попов кога тој беше професор на Факултетот за драмски уметности. вг/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан