• сабота, 27 април 2024

Земјоделското училиште во Кавадарци доби изложбен дел за сопствени производи

Земјоделското училиште во Кавадарци доби изложбен дел за сопствени производи

Кавадарци, 26 март 2024 (МИА) - Изложбен репрезентативен дел за сопствени производи доби Земјоделското училиште во Кавадарци, информираше попладнево директорката на средношколскиот училишен центар што постои 67 години, Ратка Росомански.  

- Со сопствени средства на училиштето и работен ангажман на вработени во овој училишен центар, целосно ја реорганизиравме училишната винарија, во која нашите ученици, идни енолози, изведуваат практична настава. Таа сега се состои од три делови. Целосно реновиран простор на влезот, со прозорци и дрвени автентични врати изработени во училиштето, што има и дрвопреработувачка струка. Имаме и производствен дел во кој се создаваат училишните производи од грозје, каде преку практични совети, учениците учат како да бидат мајстори на енолошкиот занает, појасни Росомански за МИА. 

Третиот дел од винаријата е енолошката лабораторија, во која се испитуваат параметрите на едно произведено вино и неговите карактеристики. 

- Со тоа добивме една заокружена целина, училишна винска приказна, овде учениците под менторство на своите професори, ги учат тајните како да произведат квалитетни производи од грозје, нагласи Росомански. 

Таа потсети дека мотото на училиштето, е, ,,денес ученик, утре стручњак" и дека низ годините овде се школуваат бројни успешни генерации, а дел од учениците подоцна стануваат врвни експерти во својата област. свд/ар

Фото: МИA

Остани поврзан