• вторник, 16 јули 2024

Зеленски разочаран од посетата на Моди на Москва во моментот на рускиот напад на детската болница

Зеленски разочаран од посетата на Моди на Москва во моментот на рускиот напад на детската болница

Киев, 9 јули 2024 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикуваше денеска посетата на индискиот премиер Нарендра Моди на Москва во моментот кога руски ракети ја погодија детската болница во Киев.

Зеленски рече дека посетата е „огромно разочарување и тежок удар за мировните напори“, според Си-Ен-Ен.

Вчера во руски ракетни напади врз Украина загинаа најмалку 41 лице, а 166 беа ранети, соопштија украинските власти. Во Киев погодена е најголемата педијатриска установа во Украина, како и приватно породилиште.

Моди вчера пристигна во дводневна посета на Русија и се сретна со рускиот претседател Владимир Путин во неговата резиденција во Ново-Огариово во близина на Москва. Посетата на индискиот премиер на Русија е прва од почетокот на војната во Украина.

Официјални разговори меѓу Путин и Моди се планирани за денеска во Кремљ. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан