• сабота, 06 декември 2025

Зеленски и Стармер разговараа за нова помош пред средбата на „Коалицијата на подготвените“ во Рим

Зеленски и Стармер разговараа за нова помош пред средбата на „Коалицијата на подготвените“ во Рим

Киев, 7 јули 2025 (МИА) – Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска објави дека разговарал со британскиот премиер, Кир Стармер, за очекувањата од состанокот на „коалицијата на подготвените“, западните земји кои одлучија воено да ја поддржат Украина, подоцна неделава во Рим.

„Разговарав со премиерот на Велика Британија, Кир Стармер. Ја координиравме нашата заедничка дипломатска работа и разговаравме за очекувањата од состанокот на „коалицијата на подготвените“, што ќе се одржи во Рим за неколку дена. Работиме на тоа одлуките да бидат што е можно поцврсти“, наведе Зеленски на апликацијата Телеграм.

Според него, британскиот премиер изразил сочувство во врска со неодамнешните силни руски напади, пренесува украинската агенција Укринформ.

„Му се заблагодарив за поддршката на нашиот народ. Разговаравме за дополнителното финансирање, уште овој месец, на нашето производство на беспилотни летала, првенствено пресретнувачи. Се согласивме да работиме на зајакнување на други форми на соработка со клучните партнери, вклучително и форматот „Рамштајн“. Заштитата на животот мора да биде поефикасна“, заклучи украинскиот претседател.

Претходниот самит на Коалицијата на подготвените се одржа во Киев на 10 мај, кога францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, како и премиерите на Велика Британија и Полска, Кир Стармер и Доналд Туск, ја посетија украинската престолнина.сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан