• вторник, 27 август 2024

Закерберг призна дека цензурирал содржини за Ковид-19 под притисок од функционери од администрацијата на Бајден

Закерберг призна дека цензурирал содржини за Ковид-19 под притисок од функционери од администрацијата на Бајден

Сан Франциско, 27 август 2024 (МИА) – Извршниот директор на Мета платформс Марк Закерберг изјави дека високи функционери во администрацијата на Бајден вршеле притисок врз неговата компанија да цензурира содржини поврзани со Ковид-19 за време на пандемијата.

Закерберг на 26 август му пишал на Судскиот комитет на Претставничкиот дом на Конгресот на САД и рекол дека жали што претходно не зборувал за ситуацијата, како и за некои од одлуките што ги донел како сопственик на Фејсбук, Инстаграм и WhatsApp, кои се поврзани со отстранување на содржини.

- Во 2021 година, високи функционери од администрацијата на Бајден, вклучително и Белата куќа, постојано вршеа притисок врз нашите тимови со месеци да цензурираат одредени содржини поврзани со Ковид-19, вклучително и хумор и сатира, и беа многу фрустрирани кога се спротивставивме, напиша Закерберг во писмото што Комитетот го објави на својата Фејсбук страница.

- Сметам дека ваквиот притисок од властите е погрешен и жалам што не бевме поотворени за тоа. Исто така мислам дека донесовме некои одлуки кои со новостекнатото искуство и знаење денес немаше да ги донесеме, додаде тој.

Закерберг го упати писмото до републиканецот Џим Џордан, претседател на комитетот. Комитетот на Фејсбук соопшти дека ова писмо е голема победа за слободата на говорот и оти Закерберг признал дека Фејсбук ги цензурирал Американците.

Извршниот директор на Мета во писмото наведува и дека нема да донира за изборната инфраструктура за време на овогодишните претседателски избори. За време на последните избори, кои се одржаа во 2020 година за време на пандемијата, Закерберг донираше 400 милиони долари за изборната инфраструктура преку иницијативата Чен Закерберг, за што беше критикуван од некои групи. јт/

Остани поврзан