Завршија подготовките на борачите во пионерска и кадетска конкуренција за учество на Балканското првенство и Медитеранските игри
- Македонските репрезентативци во борење во пионерска и кадетска конкуренција, кои ќе настапат на претстојното Балканско првенство и на Медитерански игри, ги завршија еднонеделните подготовки в
Кочани, 25 октомври 2021 (МИА) - Македонските репрезентативци во борење во пионерска и кадетска конкуренција, кои ќе настапат на претстојното Балканско првенство и на Медитерански игри, ги завршија еднонеделните подготовки во Кочани.
Во спортската сала на СОУ „Љупчо Сантов“ се подготвуваа 35 борачи, во повеќе тежински категории во машка и женска конкуренција, а со нив работеше стручен тим со тренерите Горан Стојанов, Бејтула Алими, Горан Атанасов, Нехад Џафери, Ангел Стефанов и Игор Неделковски.
- Подготовките на нашите млади борачи поминаа одлично и очекуваме успех на настапите на двете меѓународни натпреварувања што ќе се одржат во Грција. Федерацијата на сите им додели комплетна репрезентативна опрема, а и во наредниот период ќе вложуваме во подобрувањето на условите за тренинзи и настапи, истакна Дејан Богданов, претседател на Боречката федерација.
Од стручниот штаб на пионерската и кадетската репрезентација нагласија дека од оваа генерација млади борачи се очекува да бидат носители на медали од европските и светските првенства, со што ќе се потврди дека борењето и понатаму останува еден од најтрофејните македонски спортови.
Балканското првенство во борење и Медитеранските игри на кои ќе учествуваат нашите спортисти ќе се одржат од 28 до 31 октомври во Ксанти, Република Грција. та/мд/