• недела, 22 декември 2024

Жителите на виничкото село Липец ќе добијат фекална канализација

Жителите на виничкото село Липец ќе добијат фекална канализација

Виница, 21 ноември 2023 (МИА) – Општина Виница ги почна градежните работи за поставување на главниот колекторски систем Крак 1 за собирање и одведување на фекалните води во селото Липец, со што локалното население за првпат ќе добие канализациска мрежа.

За реализација на инвестицијата обезбедени се над 5,6 милиони денари, од што најголем дел се добиени од Министерството за животна средина и просторно планирање, а со 10 отсто од вредноста учествува Општината од сопствениот буџет.

-Липец е единственото село од збиен тип во нашата општина во кое досега немаше изградено никаква канализациска инфраструктура и тоа беше еден од најголемите комунални проблеми за неговите жители. Во тек е поставувањето на главниот колектор со собирни шахти, со што ќе се овозможат услови за изградба на секундарната канализациска мрежа. Ископувањето на каналот за одводните цевки е во должина од околу 800 метри, а градежните работи ги извршува претрпијатието „Лабино трејде“ од Гостивар, истакна градоначалникот на Виница, Миле Петков.

Градежните работи за главниот колектор во Липец треба да завршат до крајот на оваа година, а во меѓувреме општинските служби работат на подоготвка на урбанистички план за изградба на таложник за отпадните води. Според изработената спецификација, предвидено е за потребите на овој инфраструктурен објект да се зафатат четири катастарски парцели со вкупна површина од близу 5.200 квадратни метри. та/дма/

 

Фото: Општина Виница

Остани поврзан