• недела, 19 мај 2024

ЕУ и САД го сакаат јужноамериканскиот литиум, Боливија го брани договорот со Кина

ЕУ и САД го сакаат јужноамериканскиот литиум, Боливија го брани договорот со Кина

Брисел, 25 март 2023 (МИА) - Пораката „држете ги рацете подалеку од нашиот литиум“, која боливискиот претседател Луис Арсе им ја испрати на Американците со изјавата дека Боливија нема да се откаже од договорот со Кина за експлоатација на големите резерви на литиум, иако тоа го бара Вашингтон, одекна и во европските медиуми.

Во остар одговор на изјавата на американскиот генерал Лора Ричардсон, командант на јужното крило на американската армија, дека кинеските инвестиции во Јужна Америка „дејствуваат злонамерно“ и ја загрозуваат безбедноста на САД, боливискиот претседател посочи дека кинеските инвестиции имаат нов квалитет, бидејќи вклучува трансфер на технологија за директна експлоатација од боливиските солени езера, пренесува Бета.

Во прегледите на европските медиуми се посочува и дека особено Германија и Франција се многу заинтересирани да влезат во бизнис со Аргентина, Чиле и Боливија, кои имаат 60 отсто од светските резерви на литиум,заради искористување на тој клучен метал за транзицијата кон производство на електрични автомобили и напуштање на автомобилите на бензин и дизел, што ЕУ би сакала да го постигне до 2035 година.

Медиумите јавуваат дека францускиот претседател Емануел Макрон се подготвува да ги посети тамошните земји богати со резерви на литиум.

Германскиот канцелар Олаф Шолц веќе неодамна ги посети Аргентина, Чиле и Бразил, кој е најважниот трговски партнер на Германија во регионот, бидејќи таму работат над 1.000 германски компании, вклучувајќи ги Мерцедес-Бенц и Фолксваген, кои имаат големи планови за производство на електрични автомобили на литиумски батерии.

Во говорот пред американскиот Конгрес, генералот Лора Ричардсон предочи дека јужното крило на американската армија е „одговорно за Латинска Америка и Карибите“, а откако се пожали на недостигот на западни инвестиции во областа, таа јасно стави до знаење дека Кина го пополнува вакуумот со инвестирање во клучна инфраструктура и соработка во областа на економијата, технологијата, информатиката, политиката.

Претседателот на Боливија, Арсе, се заложи за блиска соработка меѓу Аргентина, Чиле и Боливија во експлоатацијата на литиумот и конкретно побара тие земји „сами да одлучат за цената што ќе одговара на нашите економии“.

Блумберг објави дека Аргентина, Чиле, Боливија и Бразил преговараат за поблиска соработка во извлекувањето на своите големи резерви на литиум, но и во сопственото производство на литиумски батерии и електрични автомобили.

Овие земји со 60 отсто од светските резерви и Бразил, како и Аргентина, со големи капацитети за производство на автомобили, се стремат да „се приклучат на светските синџири на производство на автомобили со литиумски батерии“.

Ова, според Блумберг, би бил одговор на неодамна усвоениот американски закон за сузбивање на инфлацијата на ИРА, но кој нуди субвенции од 370 милијарди долари за домашни и странски производители кои ќе произведуваат електрични автомобили и друга „зелена технологија“ и обновливи извори на енергија, без нафта, гас и нуклеарен процес.

Меѓутоа, голем проблем е глобалниот недостиг на литиум, поради што цената на еден метрички тон од тој метал достигна 60.000 долари од 8.000 долари пред две години.

Литиум се извлекува од големите солени езера во Јужна Америка, но овој начин на производство може да биде проблем за водата за пиење. Испумпувањето на солен раствор предизвикува опаѓање на нивото на подземните води, реките и мочуриштата може да пресушат, а во некои региони може да има недостиг на вода за земјоделството.

Затоа, Аргентина, Чиле и Боливија внимателно потпишуваат договори и бараат од инвеститорите да ја заштитат природата што е можно повеќе.

Околу 47 отсто од светската побарувачка за литиум во 2022 година беше исполнета со експлоатација на цврсти карпи во австралиските рудници, 35 отсто беа добиени од јужноамериканските солени езера, 15 отсто од Кина и нешто помалку од еден отсто од Зимбабве, Португалија и Северна Америка.

Боливија има најголеми резерви од 21 милион метрички тони (еден метрички тон е 1.000 килограми) литиум, Аргентина 19 милиони, Чиле 9,8, САД 9,1, Австралија 7,3, Кина пет милиони тони, додека, на пример, Германија има резерви од 2,7 , Чешка 1,3, Србија 1,2 и Русија милион метрички тони. ссм/

Остани поврзан