• понеделник, 23 декември 2024

Е-трговијата и пратките со откупнина ги зголемија пакетските услуги

Е-трговијата и пратките со откупнина ги зголемија пакетските услуги
Скопје, 22 јануари 2022 (МИА) -  Давателите на поштенските услуги на слободниот пазар во првото полугодие од 2021 година имаат зголемување кај пакетските услуги за 76 проценти во однос на истиот период од претходната година. Тоа, според анализите на регулаторното тело - Агенцијата за пошти, е резултат на се поголемата понуда на е-трговијата и на пратките со откупнина и нивното зголемено користење.

-Следејќи го движењето на пазарот забележително е дека корисниците се повеќе користат пратки од е-трговија, и користат услуги за кои плаќаат во моментот на приемот на пратката. Електронската трговија одигра особено позитивна улога за давателите на поштенски услуги придвижувајќи го обемот на пратките низ нивните поштенски мрежи во време на опаѓање на обемот на писмата, велат од АП.

Нивните податоци покажуваат дека во вкупниот обем на пратки произлезени од е-трговија кај давателите на поштенски услуги на слободниот пазар во првата половина од минатата година 5.465 биле писма, а 106.090 пакети. Од вкупниот број пратки со откупнина, пак, кај приватните поштенски оператори се регистрирани 2.590 писма, како и 291.037 пакети.

Пратката со откупнина се врачува на примачот со претходна наплата на откупниот износ означен на самата пратка. Како пратка со откупнина може да се испрати секоја препорачана или вредносна пратка.

Вкупниот обем на пакети на поштенскиот пазар што ги обезбедиле во првото полугодие од 2021 година приватните поштенски оператори изнесува 2.247.814. Операторот Карго Експрес учествува со 29 проценти од вкупниот обем на пакетски услуги во анализираниот период, по што следат Еко Логистик со 17,69 проценти, Фалкон Логистик со 14,62 проценти, ДелЦо со 10,4 проценти, Нова Пошта со 9.9 проценти, покажуваат податоците на Агенцијата за пошти. Во првата половина од 2021 година, АД Пошта на Северна Македонија, (носител на универзалната услуга) обезбедила 58.129 пакетски услуги, за 23,5 проценти повеќе во однос на првото полугодие од 2020. Сепак,  нивните пакетски услуги во вкупно остварениот обем на пакети на пазарот (2.305.934) учествуваат со 2,52  проценти. Во податокот од 58.129 пратки не се внесени пратките од меѓународен дојдовен сообраќај во чиј обем влегуваат и мали пакети кои се во рамки на пакетите за корсепонденција, а кои системски не се поделени за да се одреди точно за колку пратки станува збор. Носителот на универзалната услуга во првите шест од месеци од 2021 година обезбедил услуга за 24.720 пратки со откупнина, како и пет услуги од е-трговија. Агенцијата за пошти во неколку наврати укажува дека АД Пошта на Македонија треба стратешки да го промени фокусот на своето работење и акцентот да го стави на поголемо учество на пазарот на пакети како најбрзорастечки сегмент од поштенскиот пазар. Кај пакетите во внатрешниот поштенски соообраќај приматот убедливо (во сооднос 90:10) го имаат приватните даватели на поштенските услуги пред АД Пошта на Северна Македонија. -За разлика од приватната конкуренција, пазарниот удел во услугите за домашни пакети на националниот оператор и по вредност и по обем е далеку под потребните 10 проценти за регулаторни анализи од аспект на релевантни пазари и конкуренција. За соодветно позиционирање на пакетските услуги како растечки и профитабилен сегмент од поштенскиот пазар, нашите препораки се во насока на брза и неопходна модернизација, иновации и технолошки развој во процесите, услугите и дистрибутивните системи кај АД Пошта на Северна Македонија, вели Билјана Аврамовска Ѓореска, директор на АП. Приватните поштенски оператори во првата половина од 2021 имале 752.712 пратки за коресподенција. Најголем дел отпаѓа на операторот ДелЦо 19,61 проценти, зад кој се Фалкон Логистик со 14,6 проценти, ТПЛ Тотал Пост Логистик со 14, 17 проценти, Пост Експрес со 12,26 проценти, Еко Логистик и 10,42 проценти. Бројот на пратки за кореспонденција што ги обезбедила националната пошта во првиот квартал од 2021 година изнесува 13.339.764, а во истиот период од 2020 година 14.752.250.  Во рамки на пратките за кореспонденција обичното писмо опфаќа 99,78 проценти. Националната пошта има ценовни монополи за поштенските услуги за пратките за коресподенција и пратките со директна пошта, со маса до 50 грама, односно резервираните услуги загарантирани со Законот за поштенските услуги. Во наредниот период според најавите од регулаторот ќе треба да се работи и на вклучување во нашето законодавство на одредбите од Регулативата за меѓународни услуги за достава на пакети ( Regulation on cross-border parcel delivery services). Тоа ќе значи дека давателите на пакетски услуги треба да обезбедат ценовни информации со кои ќе им се овозможи на националните регулаторни тела да имаат подобар регулаторен надзор врз работењето на давателите и нивните подизведувачи. Во последниот Извештај на Светската поштенска унија од октомври минатата година Северна Македонија, според Интегрираниот индекс за поштенски развој, е рангирана на 63-та позиција од вкупно 168 држави. Со оценка од 38,59 поени е рангирана во втората група со добри перформанси, заедно со државите со оценка помеѓу 30 и 55. Со индексот се опфатени информации за работата на поштенските оператори во 168 држави. На поштенскиот пазар во државава работат вкупно 43 даватели на поштенски услуги со општо овластување, односно 42 на слободниот пазар, покрај Пошта на Република Северна Македонија како носител на индивидуална дозвола, со обврска за обезбедување на универзалната услуга. Лидија Велковска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан