• среда, 24 април 2024

Ерменските банки повеќе нема да прифаќаат руски банкарски картички „Мир“ поради страв од санкции

Ерменските банки повеќе нема да прифаќаат руски банкарски картички „Мир“ поради страв од санкции

Ереван, 29 март 2024 (МИА) - Ерменските банки денеска објавија дека повеќе нема да прифаќаат руски платежни картички „Мир“ поради санкциите на Западот наметнати на Москва поради инвазијата на Украина.

Таа мерка стапува на сила утре и е слична на овонеделната одлука за мобилниот систем за плаќање „Самсунг Пеј“ („Samsung Pay“).

Одлуката е донесена во контекст на зголемените тензии меѓу Ерменија и Русија, чиј традиционален сојуз се чини дека се повеќе се доведува во прашање, пишуваат француските медиуми.

Во септември 2022 година, американското Министерство за финансии им се закани на странските банки со секундарни санкции доколку прифатат трансакции со рускиот платен систем „Мир“.

Банкарските картички „Мир“ им овозможуваат на Русите да вршат плаќања и да повлекуваат пари во некои странски земји.

На крајот на февруари американското Министерство за финансии воведе санкции за тој платен систем, со оглед на тоа дека им помага на Русите да „избегнат санкции“.

Сојузот на ерменските банки објави дека комерцијалните банки од утре ќе престанат да прифаќаат „Мир“ картички поради ризик од секундарни санкции. Исклучок ќе бидат картичките издадени од ерменската филијала на руската банка ВТБ, која е контролирана од руската држава.

По воведувањето на драстични западни санкции на почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, ерменските банки имаа голем прилив на пари од Русија, а како резултат на тоа нивниот профит се зголеми за три пати.

Илјадници Руси, исто така, најдоа засолниште во кавкаската земја за да ја избегнат репресијата и изгледите за мобилизација. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан