• вторник, 23 јули 2024

„Епидемија на лагата“ книга од Петар Гошев

„Епидемија на лагата“ книга од Петар Гошев

Скопје,12 февруари 2024 (МИА) - Во издание на издавачката куќа „Слово“ деновиве излезе од печат книгата „Епидемија на лагата“ од долгогодишниот македонски политичар, партиски лидер, министер, поранешен гувернер на Народната банка на Македонија, економски експерт и автор Петар Гошев.

„Епидемија на лагата“ е збирка статии, анализи, колумни и обраќања на Петар Гошев пишувани во временскиот период 2011 – 2023 година, кои ги тематизираат општествено-економската и политичката состојба во Македонија и бившата СФРЈ, информираат од издавачката куќа „Слово“.

Тие појаснуваат дека текстовите му даваат длабок увид на читателот за главните општествено-политички случувања на овие простори во временска рамка од триесет и неколку години – од распадот на СФРЈ до денес, проследени со исцрпни анализи на економската состојба на Македонија од осамостојувањето до одредени случувања во политиката во денешниот период. Книгата содржи широк спектар од различни општествени теми засегнати од авторот, но сите тие имаат еден ист заеднички именител – лагата.

-Гошев како еден од активните и долгогодишни чинители во политичко-економскиот македонски контекст од самото раѓање на самостојната држава, на читателот му дава искрена и храбра перспектива на позначајните случувања во државата соголувајќи голем број невистини и табу-теми во општеството, истовремено отворајќи и нови хоризонти за нивно понатамошно анализирање и толкување, велат од издавачката куќа.

Петар Гошев, роден 1948 година, магистер по економски науки; од 1974 до 1986 врши повеќе функции во Сојузот на синдикатите на Македонија, вклучително и член на највисокото синдикално раководство. Од 1986 до 1991 г. е член на Претседателството на ЦК СКМ; а во последните две и претседател на Партијата под чие водство е трансформирана во Социјалдемократски сојуз. Од 1991 до 2002 г. трипати е избиран за член на Собранието на РМ. Во 1991, непосредно пред распадот на СФРЈ, е  шеф и на делегацијата во Соборот на републиките и покраините во Собранието на СФРЈ, истовремено и претседател на неговиот Одбор за кредитно монетарна политика. Од 1992 до 1997 е член на Советот на НБРМ.  Од ноември 2002 до ноември 2003 г. ја врши должноста министер за финансии и заменик претседател на Владата на РМ, а од мај 2004 до мај 2011 г. е гувернер на НБРМ.  Автор е на бројни статии, анализи и колумни, поврзани со општествено-економската и политичката состојба во Македонија и бившата СФРЈ. Епидемија на лагата е трета негова книга.  ад/дма/

 

Остани поврзан