• понеделник, 20 мај 2024

„Енергични луѓе“ премиера на Охридскиот театар

„Енергични луѓе“ премиера на Охридскиот театар
Охрид, 14 мај 2022 (МИА) - На сцената во центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, Охридскиот народен театар вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Енергични луѓе“ по текст на Василиј Шукшин, а во режија на Александар Ивановски. Главната улога на Аристарх ја игра актерот Никола Тодороски, неговата сопруга Вера Сергеевна ќе ја толкува Биљана Билаловиќ Вељаноска, во улога на Ќелавиот е Горан Стојаноски, Дебелиот го игра Стрезо Стаматовски, Нослестиот е Павел Маслов, а Адријана Билаловиќ Тодороска ја игра Соња. Шестчлената актерска екипа, режисерот, костимографот и сценографот на прес-конференција открија детали околу претставата и ја повикаа публиката да ужива во речиси двочасовната изведба. - Претставата ќе биде театарска авантура, голем излет во непознат терен. Ликовите имаат трескавична енергија која ја разнесуваат скоро два часа по сцената, меѓу нив и кон публиката. Ова е еден театарски ураган, на кој ја повикувам публиката да му даде простор да ја однесе заедно со себе. Шесттемина актери ја понесуваат публиката во едни простори каде се можни многу работи, пресврти и изненадувања. Тоа е едно големо изненадување на Охридскиот театар што има една таква подлога и моќ да понесе многу нешта многу високо. Текстот носи една иронија, цинизам, начин на гледање на реалноста, малку изместено од руските 70-ти години од минатиот век, истакна режисерот Ивановски. Актерот Стрезо Стаматовски, забележа дека имале еден процес каде практично улогите се доближуваат до актерите. - Така добро се склопија кастинзите и испадна една одлична актерска претстава, хипер енергична, која мислам дека ќе биде гледана и долговечна на репертоарот на Охридскиот театар. Го играм ликот на дебелиот и тоа е лик, кој го има вториот по големина стомак во претставата, истакна Стаматовски. Главниот женски лик, односно актерката Биљана Билаловиќ Вељаноска откри дека во животот на тие енергични луѓе преовладува едно секојдневие, кое се прекинува нагло заради тоа што Вера наоѓа писменце од непозната жена во џебот на нејзиниот сопруг, кое решава да го даде на јавен обвинител и секој е засегнат од проблемот... За актерот Горан Стојановски, „Енергични луѓе“, е убаво склопена, динамична претстава, која се надева дека ќе остане подолго на репертоарот на Охридскиот театар и, како што нагласи, луѓето ќе дојдат ќе се смеат и ќе добијат една фина квалитетна порака од одредени важни општествени моменти. За костимите се погрижи Невена Тасева Петровиќ, која рече дека се трудела максимално да ја дополни убедливоста на ликовите и смета дека навраќањето во 70-тите биде забавно за публиката. „Енергични луѓе“ е еден од трите проекти на Охридскиот театар, поддржани од Министерството за култура оваа година, а на репертоарот ќе биде секој петок. сс/сп/

Остани поврзан