• четврток, 14 ноември 2024

Енергетската и економската криза силно удрија врз комуналните претпријатија во Брегалничкиот регион

Енергетската и економската криза силно удрија врз комуналните претпријатија во Брегалничкиот регион
Штип, 22 мај 2022 (МИА) - Комуналните претпријатија од Брегалничкиот регион се пред финансиски колапс. Цените на електричната енергија, кои вртоглаво растат им ги празнат сметките, старите обврски, а кај дел и превработеноста, им трупаат дополнителни долгови. Директорите на комуналните претпријатија од истокот на состанокот со Здружението АДКОМ се пожалија на проблемите кои им ги создаваат енергетската, но и економската криза. Најголемото комунално претпријатие во регионот „Исар“-Штип за само неколку месеци има натрупано долг за струја, од околу 600.000 евра, а голема главоболка на раководството се и старите долгови, кои достигнаа околу пет милиони евра. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Трајче Здравков вели дека во вакви услови немаат можност за вработување на потребниот кадар, кој е и дефицитарен. -Долговите се трупаат најмногу за електрична енергија. Сите комунални претпријатија го имаат тој проблем. Се надевам дека ќе направиме притисок и да издејствуваме од централната власт да се најде решение за цената на струјата. Мораме некако да дејствуваме, бидејќи со вакви цени и трошоци нема да можеме нашите обврски да ги извршуваме редовно, изјави Здравков. Забележа дека направени се спогодби за плаќање на долговите за струја на рати, но според Здравков ова решение не е долгорочно. -Во декември лани киловат час беше пет денари, а сега е 25,26 или 27 денари. Оваа цена едноставно не зависи од јавните претпријатија, ниту пак од нас како раководители. Едноставно принудени сме по таа цена на струјата да работиме и да плаќаме високи сметки, рече Здравков. Директорот на ЈП „Никола Карев“-Пробиштип, Драганчо Ристовски вели дека за разлика од лани, оваа година  месечните  сметки за струја се повисока за 400 пати. -Енергетската криза во нашете претпријатие се одрази многу, бидејќи поскапувањето доведе до процент, односно 400 посто е зголемена струјата. Сметката за струја лани пред покачувањето беше околу 180.000 денари, а во периодот на поскапување  достигна сума од околу еден милион денари, изјави Ристовски. Најлоша е состојбата во виничкото комунално претпријатие „Солидарност“. Директорот на ЈП „Солидарност“-Виница, Илија Јованов информира дека доцнат со исплата на платите, што се околу две третини од нивните вкупни приходи. -Покачувањето на цената на струјата е сериозен проблем за комуналното претпријатие во Виница, ако направиме паралела за споредба, еве во март минатата година имаме фактура за струја од 330.000 денари, а март оваа година имаме 1.200.000 денари. Тоа е енормно покачување. Имавме и неколку фактури неплатени, заостанат долг и пред неколку дена направивме спогодба со ЕВН и целиот долг да го платиме шест еднакви рати и со плаќање на тековните фактури, вели Јованов. Посочи дека сметката за струја зафаќа една четвртина од месечните приходи на претпријатието „Солидарност“. Смета дека ситуацијата не е воопшто добра, имајќи во предвид  дека има и зголемување на цените на репроматеријалите, резервните делови за водоводна, канализациона мрежа, камионите,како и на нафтата. Јованов забележа дека ова се должи и на преврабротеност, како и на ниските цени на комуналните услуги. Комуналните претпријатија молат за помош Повластена тарифа за струја, субвенции, ослеснување за кредити, поставување на сончеви централи на препумпните и филтер станиците, каде најмногу се троши струја за да пристигне водата до домаќинствата, како и на објектите се дел од барањата на претпријатијата, кои на граѓаните секојдневно до чешимите им диструбуираат вода за пеење, го изнесуваат сметот на депониите, уредуваат парковите површини и ги метат улиците и тротоарите. Пробиштип за да ги намали сметките за струја ќе ги менува водомерите, но и ќе поставува фотоволтаици. - Решение за излегување од оваа енергетска криза е поставување на фотоволтаици на местата на кои може да ги поставиме, а тоа се на резервоарите, Филтер станицата, Градскиот пазар. Во соработка со Општина Пробиштип, градоначалникот, со кои ги изготвуваме тие проекти, во наредниот период ќе се изготват проектите и ќе дојде до реализација. Претпоставувам дека самата реализација ќе биде некаде за околу два месеци, вели Ристовски. Тој посочи дека до Министерството за животна средина веќе доставиле проект за промена на водомери. Средствата се околу шест милиони денари и со нив ќе бидат променети околу 300 водомери во домаќинствата. Со ова, наведе Ристовски, ќе ја намалат и загубата на водата за пиење низ мрежата, која во моментов изнесува околу 40 проценти. Штип со санација на старата водоводна мрежа ќе ги намали загубите, но и честите дефекти Старите наслеби во Штип од десната страна на река Отиња дваесетина дена имаат проблеми со редовното водоснабдување, од причина што старата азбестна водоводна мрежа не може да издржи на големиот притисок на вода што доаѓа преку цевководот на Хидросистемот „Злетовица“. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Трајче Здравков за МИА појаснува дека водоводната мрежа низ градот Штип е во должина од 120 километри, од нив 30 километри е систем стар и над 50 години. - Тоа е долгорочна инвестиција, која не може во една година финансиски да се издржи, така што ние заедно со локалната самоуправа сме решени да инвестираме, што се вели, под земја, односно да ги заменуваме водоводните линии, затоа што водоснабдувањето е една од примарните дејности на јавното претпријатие, но и затоа што секој граѓанин бара редовно водоснабдување со квалитетна вода, вели Здравков. Честите дефекти на водоводната мрежа повторно на маса ги ставија парите, што повеќе од 20 години стојат замрзнати на посебна сметка на општина Штип. Бидејќи се собрани со учество на сите граѓани по пат на самопридонес, во деведесетите години за изградба на брана Козјак, ќе мора на референдум да се одлучи за пренамена на средствата. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека пред да се распише референдум за овие пари да се пренаменат ќе побара мислење од граѓаните  и од сите политички партии. -Со години наназад не се користат средствата од самопридонесот и се подложни на инфлација, затоа што од година во година губат вредност, за истите тие средства да ги консултираме нашите граѓани, заедно со сите политички чинители во нашиот град. Штета е да останат не искористени во време кога имаме наталожени проблеми кои настануваат од застарената водоводна мрежа, рече Јорданов. Средства не се доволни за планираниот инфраструктурен зафат, но ќе бидат солидна финансиска потпора за започнување и реализација на провеќегодишниот проект за градот Штип. Викторија Димитрова-Јованова    

Остани поврзан