• петок, 22 ноември 2024

ЕКРИ: Северна Македонија напредуваше во справувањето со расизмот и нетолеранцијата, но продолжува дискриминацијата на ЛГБТИ лицата и Ромите

ЕКРИ: Северна Македонија напредуваше во справувањето со расизмот и нетолеранцијата, но продолжува дискриминацијата на ЛГБТИ лицата и Ромите

Брисел, 20 септември 2023 (МИА) - Од 2016 година Северна Македонија постигна напредок и разви добри практики на повеќе полиња во справувањето со расизмот и нетолеранцијата, но сепак некои прашања и натаму се причина за загриженост, особено во однос на дискриминацита на припадниците на ЛГБТИ заедницата и на Ромите, се оценува во шестиот извештај на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ЕКРИ) објавен денеска.

Документот првенствено се фокусира на ефикасната рамноправност и оставрување на правата, појавите на говор на омраза и насилството мотивирано од омраза, како и на интеграцијата и инклузивноста.

Извештајот, кој се однесува на период од усвојувањето на петтиот извештај за земјава на 18 март 2016 година до 30 март 2023 година, содржи и препораки со кои се бара од властите да преземат мерки во неколку области за кои се однесуваат воочените забелешки. Согласно практиката, Комисијата одредува две препораки за кои бара приоритетна имплементација, за што ќе спроведе процес на привремено следење најдоцна две години по објавувањето на Извештајот.

Во документот се наведува дека на почетокот на 2021 година е формирана Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и дека е усвоен нов Закон за спречување и заштита од дискриминација, што содржи повеќе заштитни мерки и обезбедува независност на Комисијата.

- Во областа на инклузивното образование, Министерството за образование и наука доделува грантови до 30.000 денари (околу 500 евра) на училиштата кои спроведуваат активности кои придонесуваат за мултикултурализам, меѓуетничка интеграција и толеранција. Во учебните 2020/21 и 2021/22 година, грантови беа обезбедени за 94, односно 95 училишта. Во овој контекст, позитивно е да се види дека „мултикултурната интеграција“ е вклучена како индикатор во евалуацијата на училиштата, посочува Комисијата.

Извештајот наведува и дека новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација ги вклучува и сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита, како и дека Министерството за труд и социјална политика обезбедило финансиска поддршка за националната СОС линија за помош на припадниците на ЛГБТИ заедницата.

- Соработката меѓу Министерството и граѓанското општество, исто така, резултираше со отворање на скопскиот Квир центар во 2021 година, кој обезбедува бесплатно советување, психотерапија и поддршка за социјална грижа за ЛГБТИ лицата, се истакнува во документот.

Во Белград со Парада на гордоста борците за правата на ЛГБТ плус заедницата денеска шетаа низ централните улици на Белград, под слоганот „Не сме ни блиску“, со кој нагласија дека ЛГБТ плус за

Комисијата нагласува и дека како мерка за справување насилството мотивирано од омраза, повеќе од 2 000 македонски полицајци учествуваа на обука против криминалот од омраза, организиран од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) за припадниците на безбедносните сили.

Покрај ова, како позитивно остварување се посочува и обуката за борбата портив криминалот од омраза на ОДИХР и Академијата за судии и јавни обвинители наменета за припадниците на судската власт и на Јавното обвинителтво.

- Беа преземени неколку иницијативи во рамките на Националната стратегија за Ромите 2016-2020 за подобрување на вклученоста на Ромите во сферите на домувањето, здравството, образованието и вработувањето. На припадници на ромската заедница им беа доделени социјални станови, а беа постигнати добри резултати и за нивно вклучување во образовниот систем преку зголемен упис во предучилишното и основното образование, со помош на ромските образовни медијатори, се наведува во Извештајтот.

Комисијата го потенцира како достигнување и подготовката и усвојувањето на новата Стратегија за вклучување на Ромите 2022-2030 од страна на Владата.

Во Извештајот се нагласува и дека властите спроведоа теренска активност за да го утврдат бројот на Ромите кои во периодот на осамостојувањето на земјата од поранешна Југославија ги немаа потребните документи за идентификација за да добијат македонско државјанство.

- Идентификувани се неколку стотици лица и во 2018 година беше донесен Закон со цел да им се обезбедат посебни лични идентификациски броеви на овие лица, со кои ќе можат да пристапат до јавните услуги, вклучително и до здравствена заштита, социјалната помош и формалниот пазар на трудот, додека се чека обработката на нивните случаи за обезбедување на документи за лична  идентификација и евентуално државјанство, се додава во документот.

Комисијата посочува и дека и покрај формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, досега се именувани само шест од седумте предвидени членови, како и дека таа се соочува со проблеми во добивањето одобренија за пополнување на сите планирани кадровски позиции и на соодветен буџет за извршување на сите свои функции.

- Покрај тоа, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и Канцеларијата на Народниот правобранител, мора да бараат одобрение од Министерството за финансии за трошоците што сакаат да ги направат од сопствените буџетски ресурси. Ова предизвикува одложувања и потенцијален ризик за нивната севкупна независност, смета Комисијата против расизмот и нетолеранцијата.

Вкупно 25 мигранти се пронајдени рано утринава во четири часот во три патнички возила на автопатот Велес-Скопје, после пунктот на „Македонија пат“. 

Комисијата посочува и дека иако низ земјата минува т.н. балканска мигрантска рута, не постојат официјални проценки за бројот на нерегуларно присутни мигранти, но додава и дека нивниот престој во државата е обично многу краток, во повеќето случаи од само неколку дена.

Во извештајот се забележува и дека се уште не е спроведена независна сеопфатна студија за сите форми на дискриминација на ЛГБТИ лицата.

- Исто така, нема акциски план за ЛГБТИ или платформа за дијалог меѓу Владата и ЛГБТИ заедницата, се додава во Извештајот.

Во документот се нагласува и дека во земјата се уште не постои правна рамка која би им овозможила на истополовите двојки препознавање и заштита на нивните врска, со цел „да ги решат практичните проблеми поврзани со општествената реалност во која живеат“, како и дека условите за официјално признавање на нов пол на една личност се уште не се јасно регулирани.

Комисијата наведува и дека без судска разрешница завршиле „нападите врз ЛГБТИ центарот во Скопје, што постојано се случуваа“.

- Немањето соодветна казна за вакви инциденти на криминал поттикнат од омраза може да доведе до опасно чувство на неказнивост и отсуство на ефективно одвраќање од идни напади, заклучува Комисијата.

Во документот се наведува дека според податоците што властите ги доставуваат до Канцеларијата на ОДИХР, во 2018 година биле регистрирани 33 инциденти за насилство мотивирано од омраза, во 2019  - 23, во 2020 – 29, а во 2021 година 22 случаи. Сепак, Комисијата наведува дека според граѓанските организации во наведените години неофицијален број на вакви инциденти е околу 800, од кои околу 70 проценти се случаи на насилство меѓу млади Македонци и Албанци „со ниско ниво на интензитет и честопати не се официјално пријавени“.

Во однос на случаи на говор на омраза, во Извештајот се посочува дека тие најчесто се однесуваат на меѓуетничките односи меѓу Македонците и Албанците, но цел на говор на омраза, особено на интернет и на социјалните мрежи, се и припадниците ЛГБТИ заедницата и други етнички групи, како што се Ромите или Бугарите.

Законот за здруженија на граѓани не е само за еден тип на здруженија на граѓани, туку за сите здруженија на граѓани што треба да ги исполнат условите. Оние здруженија коишто нема да го почиту

Кога станува збор за „антибугарскиот говор на омраза“, претставници на етничките Бугари во земјава со кои разговарала Комисијата се пожалиле дека типичен стереотип што се користи е „етикетирањето на сите Бугари како фашисти“, а друга „широко распространета навреда е насочена кон Бугарките, прикажувајќи ги како евтини проститутки“.

Комисијата посочува и дека „во неколку наврати имало насилство врз лица и организации на граѓани на Северна Македонија кои се самоидентификуваат како Бугари“, како и дека има „дерегистрација/распуштање на некои постоечки бугарски културни здруженија“.

Во Извештајот се забележува и дека образовниот систем во земјата се уште во голема мера е сегрегиран според јазичнна линија на македонски и албански, при што учениците од двете групи често учат во посебни згради или по систем на различни смени, што ја намалува интеракцијата меѓу децата од различните етнички групи.

- И покрај различните напори за подобрување на состојбата на припадниците на ромската заедница, се уште постои социјалната маргинализација и исклученост, смета Комисијата.

Документот посочува дека многу Роми се уште се соочуваат со „тешка состојба со домувањето“, како и дека стапката на опфатеност на ромските деца во образовниот систем и наму е пониска во однос на онаа на припадниците на останатите етнички заедници, особено кога станува збор за средното образование.

- Стапката на невработеност кај Ромите е значително повисока, а нивното учество во активностите за развивање вештини е недоволно. Посебно загрижувачка е стапката на смртност на новороденчиња, која е двојно повисока кај Ромите во споредба со не-Ромите, се додава во Извештајот.

Комисијата констатира и дека неколку стотици Роми, кои не поседуваат документи за лична идентификација и кои добија посебни лични идентификациски кодови, се уште не можат да ги остварат своите права за здравствена и социјална заштита, затоа што тие кодови „не се препознаени од ИТ системите на јавните услуги“.

Народниот правобранител во врска со настанатата ситуација и потребата од превенција за спречување на ширење на заразата со таканаречениот коронавирус (Ковид 19), им препорачува на граѓаните в

Во делот на препораките, во Извештајот се наведува дека властите треба да им дадат финансиска автономија на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Канцеларијата на Народниот правобранител, со цел да можат да ги користат нивните буџети без да бараат одобрение од Министерството за финансии.

- Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата препорачува властите јасно да ги регулираат условите за официјално признавање на новиот пол на една личност. Таквите правила треба да бидат во согласност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права, се додава во докумантот.

Натаму, Комисијата препорачува обезбедување „доволен број места“ за обучени полициски службеници за врска, кои ќе се фокусираат на припадниците на ранливите заедници и ќе го олеснат пријавувањето на насилството мотивирано од омраза.

Според Комисијата, властите треба да ја продолжат и да ја интензивираат помошта за зајакнување на капацитетите во полицијата и обвинителството во однос на истрагите за насилството од омраза и извештаите од тие истраги да бидат доставувани на судството.

Комисијата препорачува властите да продолжат со силниот јавен став на осуда на сите форми на насилство врз лицата кои се самоидентификуваат како етнички Бугари или врз нивните организации.

- Исто така, во согласност со судската практика на Европскиот суд за човекови права, властите треба да се воздржат од дерегистрација или распуштање на здруженија на лица кои се самоидентификуваат како Бугари во Северна Македонија, доколку тие не поттикнуваат и промовираат ширење или оправдување насилство, омраза или дискриминација. Доколку е потребно, треба да се побара експертско мислење на Советот на Европа за ревидираниот Закон за здруженија и фондации и соодветно да се разгледаат соодветните одредби, се додава во Извештајот.

Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата им препорачува на властите и да преземат чекори за постепено укинување на секоја де факто сегрегација на децата кои припаѓаат на главните етнички заедници во земјата во етнички мешаните училишта.

- Конкретно, властите треба да се погрижат сите деца да учат во исти згради и да се избегнуваат системи за различни смени, за да се обезбеди што е можно поголема можност за меѓусебни контакти, препорачува Комисијата.

null

Во однос на припадниците на ромската задница, Комисијата, меѓу другото, препорачува властите да обрнат внимание на „несразмерно високата стапка на смртност кај Ромите“, да обезбедат повеќе социјални станови за ромските семејства, како и да ги искористат позитивните искуства од  работата на ромските медијатори и да го зголемат на нивниот број.

- Понатаму, Владата треба да ги интензивира своите напори за да го намали јазот во пристапот до образовнието меѓу ромските и неромските деца. Властите, исто така, треба да понудат стручни обуки и активности за развивање вештини за Ромите, со посебен фокус на специфичните потреби на жените Ромки, се потенцира во Извештајот.

Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата сугерира и властите да ги решат долгогодишните проблеми во врска со документите за лична идентификација и идентификациските броеви на регистрираните Роми, кои „немале доволно докази за својот идентитет“ по независноста на земјата.

Оваа препорака, како и онаа за зголемувањето на финансиската автономија на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Канцеларијата на Народниот правобранител, се посочени како „приоритетни“, за чие спорведување ќе биде спроведен процес на привремено следење.

Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата е основана од Советот на Европа како независно тело за следење на почитувањето на човековите права, првенствено за прашања поврзани со борба против расизмот, дискриминацијата по основа на расно, етничко или национално потекло, боја на кожата, државјанство, религија, јазик, сексуална ориентација или родов идентитет, како и против ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранција.

Комисијата е составена од независни и непристрасни членови назначени врз основа на нивниот морален авторитет и призната експертиза во справувањето со расизмот, ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранцијата. сп/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан