ЕК: Црна Гора мора да ја зајакне реформската волја за напредок кон ЕУ
- Исто така, сè уште недостасува посебен закон за правата на судиите, а актуелните правила за нивна оценка и за оценка на претседателите на судовите не се укинати. Црна Гора мора да овозможи брзо, транспарентно и врз основа на заслуги именување на високи судски функции.

Подгорица, 5 јуни 2025 (МИА) - Црна Гора мора да покаже поинтензивна работа и посилна политичка волја за да ги исполни сите критериуми од преговарачките поглавја 23 и 24, особено во областа на правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, визната политика, слободата на медиумите и основните човекови права, оценува Европската комисија во неформален документ за напредокот на земјата.
Според документот, цитиран денеска од црногорскиот весник „Вијести“, по интензивниот реформски период во 2024 година, клучните закони што ја гарантираат независноста и непристрасноста на судскиот систем сега се во голема мера усогласени со европските стандарди.
Сепак, се посочува дека е потребна понатамошна хармонизација на Законот за Специјалното државно обвинителство за да се обезбедат поголема отчетност, појасни оперативни рамки, поголема заштита на личните податоци и други подобрувања. Исто така, сè уште недостасува посебен закон за правата на судиите, а актуелните правила за нивна оценка и за оценка на претседателите на судовите не се укинати. Црна Гора мора да овозможи брзо, транспарентно и врз основа на заслуги именување на високи судски функции.
ЕК предупредува дека јавниот притисок и изјавите на високи функционери за правосудството предизвикуваат недоверба во судскиот систем. Воедно се истакнува дека ниските плати се причина што повеќе судски и обвинителски позиции остануваат непополнети.
Сепак, се бележи напредок во истражувањето, гонењето и судењето за воени злосторства, вклучително и случаи на високо ниво, благодарение на подобриот проактивен пристап на обвинителството. Сето тоа е во согласност со меѓународното право и стандарди.
Црна Гора заостанува во исполнувањето на визната политика, при што се препорачува усогласување на листата на земји за кои е потребна виза и годишно отстранување барем на една земја од листата за безвизен режим. ссм/
фото: архива