• петок, 05 декември 2025

Екологисти од Неготино сушат јапонски јаболки во соларна сушара 

Екологисти од Неготино сушат јапонски јаболки во соларна сушара 

Неготино, 15 ноември 2025 (МИА) - Екологисти од Неготино сушат јапонски јаболки во соларна сушара, информираа денеска од регионалното еко здружение ,,Ековита", што долги години работи за зачувување на животната средина и промовирање на здрав живот.  Оттаму соопштија дека започнаа пилот-производство на сушени јапонски јаболки, како дел од напорите за развој на еко-иновативни и циркуларни производи во Тиквешијата.

- Јапонските јаболки  сè почесто се одгледуваат, но дел од плодот често останува неискористен – или доцна се бере, или не стигнува до пазар.  Го гледаме токму тој „вишок“ како можност, а не како отпад. Свежите плодови внимателно се селектираат, мијат, сечат на тенки парчиња и се редат на решетки во соларна сушара. Наместо електрична енергија, за сушење се користи сонцето – природен, чист и бесплатен извор. Контролираниот проток на воздух и температурата овозможуваат рамномерно сушење, без додадени шеќери, конзерванси или хемиски адитиви. Резултатот е производ со интензивна боја, концентриран вкус и мирис, кој ја задржува природната сладост на плодот, појасни Кристина Тодорова, дипломиран земјоделски инженер. 

Таа подвлече дека сево ова претставува вредност за здравјето и за локалната економија. 

- Сушените јапонски јаболки се богати со витамини, растителни влакна и природни шеќери, што ги прави идеален здрав десерт или ужинка за деца, ученици, спортисти и сите што бараат поздрава алтернатива на индустриските слатки. Од друга страна, овој производ отвора нова шанса за локалните земјоделци. Наместо да фрлаат дел од родот или да го продаваат по минимални откупни цени, постои можност плодот да се преработи и да добие додадена вредност. Еден килограм свежи јапонски јаболки, претворен во сушен производ, станува премиум артикл, нагласи Тодорова. 

Со сево ова, додаде таа, сушењето на јапонските јаболки не е само технички процес, туку и јасен пример за циркуларна економија во пракса. 

-Наместо отпад – добиваме производ со додадена вредност. Наместо фосилни горива – користиме соларна енергија. Наместо да увезуваме слатки закуски, создаваме нешто ново. Јапонските јаболки (каки) стануваат здрав деликатес.  Здружението  ги има овие активности во рамките на регионалниот проект INNOHUB, што е дел од поширокиот регионален проект EICEE – Екосистем за еко-иновaции и циркуларна економија во Западен Балкан, кофинансиран од Европската унија и Владата на Црна Гора, што има за цел да поттикне зелени бизнис-модели и одржливо претприемништво во регионот, информираше Тодорова, како координатор на проектот што се спроведува во Неготино.

Во рамките на активностите,  се организирале и работилници за млади и за земјоделци, каде што се демонстрирал целиот процес – од свеж плод до финално пакување. 

- Така,  не создаваме само производ, туку и нови знаења и вештини за заедницата, во рамките на овој  проект со  цел да промовира практични решенија што го намалуваат отпадот, ја поттикнува локалната економија и ги охрабрува младите да развиваат зелени бизнис-идеи. Традиционалното овоштарство се сретнува со иновативна преработка, а младите гледаат перспектива во еко-производи, а не само во сезонска миграција, појасни Тодорова. 

Сушените јапонски јаболки веќе се тестирале како дел од нови дегустации, саеми и едукативни настани. 

- Со ваквите иницијативи,  покажуваме дека малите градови можат да бидат големи носители на промени. Доволни се малку креативност, соларна сушара, поддршка од европски програми и многу љубов кон природата и заедницата, истакна Тодорова. свд/сст/


Фото : МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан