• сабота, 23 ноември 2024

Европски хематолошки експерти на Tретиот меѓународен конгрес во Скопје 

Европски хематолошки експерти на Tретиот меѓународен конгрес во Скопје 

Скопје, 12 септември 2023 (МИА) - Ми претставува задоволство што Универзитетската клиника за хематологија е домаќин на Tретиот меѓународен конгрес каде на едно место се најголемите хематолошки експерти од Европа. Верувам дека ова ќе биде можност заедно со нашите лекари специјалисти да размените искуства и новини од областа на хематологијата, изјави денеска на отворањето на Конгресот, министерот за здравство Фатмир Меџити.

-Клиниката за хематологија низ годините создаде тим кој го следи напредокот во дијагностиката и третманот на хематолошките заболувања. Драго ми е што на оваа Клиника има и многу млади лекари, помлади хематолози чиј професонален развој секогаш ќе го поддржувам и како Министерство за здравство ќе помагаме да изградат успешна кариера овде на нашата Клиника, подвлече министерот пред присутните.

Министерството за здравство, додаде, интензивно работи на подобрување на условите во јавно здравствените установи.

- Со поддршка на Министерството за здравство на Клиниката за хематологија беше инсталиран нов проточен цитомер, со што се унапреди и осовремени работата на Клиниката. Исто така лабораторијата за имунолошки анализи на Клиниката која е единствена во нашата држава, врши дијагностицирање и ги следи ефектите од терапија и спроведување на трансплантациите на пациентите со малигни хематолошки болести, појасни министерот.

Тој кажа дека здравството е еден од клучите столбови во државата.

- Инвестициите во сите сегменти во здравството се наш највисок приоритет, затоа ќе продолжиме да градиме одржлив и квалитетен здравствен систем за граѓаните. Се надевам дека на овој Конгрес ќе понесете нови знаења, ќе ги освежите своите искуства од областа на хематологијата, кои ќе ви бидат од голема важност во понатамошното клиничко работење, додаде Меџити, посакувајќи им успешна и плодна работа.

Министерот за образование Јетон Шаќири изрази благодарност што е дел од третиот конгрес на хематолози, собир на кој ќе се дискутира за најновите достигнувања во полето на хематологијата, „односно гранката која се занимава со третирање на заболувањата на најскапоцената течност, крвта“.

- Секоја држава, која сака да напредува и да се развива, единствен начин тоа да го стори е да вложува во науката, технологијата и иновативните пристапи за решавање на одредени проблеми. Научните работници во Северна Македонија имаат знаења и желба за истражување, а Владата и Министерството за образование и наука се тука да им излезат во пресрет при реализација на големиот број научно-истражувачки проекти, рече Шаќири. 

Тој нагласи дека во изминатиов период е зголемен буџетот за наука, преку финансирањето на научно-истражувачки проекти од јавен интерес и лабораторски ресурси, што е доказ, како што додаде, за отвореност за соработка со сите заинтересирани научни работници.

- Силно го поттикнуваме и учеството во регионални иницијативи и меѓународните програми за наука и истражување, а особено сум горд на фактот што Клиниката за хематологија беше и е дел од меѓународен научно-истражувачки проект од областа на Ковид-19, пандемијата која на момент го запре светот, но не и науката. Тоа е уште еден доказ дека нашата држава стреми кон врвни светски научни достигнувања, кои имаат примена во актуелниот момент, рече Шаќири.

Верувам дека овој Конгрес, на кој ќе бидат претставени најновите достигнувања во областа на хематологијата, ќе има и одлична едукативна можност за сите инволвирани за унапредување на клиничката пракса во земјава во третирање на хематолошките заболувања, согласно најновите светски протоколи, подвлече Шаќири, посакувајќи успешна работа и да биде максимално искористена оваа одлична можност за соработка и размена на мислења и искуства со реномираните светски центри за хематологија. бд/ац/

Фото: МИА

 

Остани поврзан