• сабота, 27 април 2024

Европратениците ќе ја тужат Европската комисија поради одмрзнување на фондовите за Унгарија 

Европратениците ќе ја тужат Европската комисија поради одмрзнување на фондовите за Унгарија 

Брисел, 12 март 2023 (МИА) - Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент донесе одлука да поднесе тужба против Европската комисија, поради нејзината „неприфатлива одлука“ од декември минатата година за одмрзнување на средствата за Унгарија од фондовите на ЕУ, објави Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) на платформата Икс. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Комитетот смета дека ЕК ја донела ваквата одлука иако Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан и натаму не ги почитува основните права и принципите на владеењето на правото и затоа бара од претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола да ја тужи Комисијата пред Судот на правдата на ЕУ. 

Ваквото барање следи по предлогот инициран во јануари во Европскиот парламент со која се бараше истрага за одлуката на Европската комисија за одмрзнување на средствата за Унгарија. Во иницијативата на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната Да ја обновиме Европа (РЕ) и Зелените, поддржана и од партијата Левица, се бараше Комитетот за правни прашања на Европарламентот „што е можно поскоро да преземе неопходни чекори во врска со одлуката на Комисијата за одмрзнување на 10,2 милијарди евра“, вклучувајќи и анализа за „разгледување на законитоста на оваа одлука пред Судот на правдата“. 

Во декември минатата година, непосредно пред Самитот на ЕУ, Европската комисија донесе одлука за исплата 10,2 милијарди евра од средства наменети за Унгарија, кои беа замрзнати поради забелешките на Брисел за непочитување на основните права и принципите на владеењето на правото од страна на унгарските власти. Одмрзнувањето на исплатата на овие средства беше оценето како обид за одоброволување на унгарскиот премиер Виктор Орбан за да не ја блокира одлуката за старт на преговорите за членство со Украина и за обезбедување на средства за финансиска поддршка на земјата, а некои европратеници дури ја обвинија Европската комисија дека „попуштила пред уцените“ на Унгарија. 

Во јануарската иницијатива, покрај парламентарна истрага за утврдување на законитоста на одлуката на Еврокомисијата, се бараше и Европскиот советот да започне процес за одземање на правото на глас на Унгарија согласно член 7 став 2 од Договорот за ЕУ. 

Според членот 7 став 2, Европскиот совет постапувајќи едногласно по предлог на една третина од земјите членки или на Комисијата и по добивање на согласност од Европскиот парламент, може да утврди постоење на сериозно и постојано прекршување на вредностите наведени во членот 2 од страна на земја членка, откако ќе ја покани соодветната земја членка да ги достави своите забелешки. 

Во членот 2 се наведува дека Унијата се базира на вредностите на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човековите права, вклучувајќи ги и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата. Овие вредности се заеднички за земјите членки во општество во кое преовладуваат плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и еднаквоста меѓу жените и мажите. 

Постапката за одземање на глас почнува со доставување на предлогот за проверка на „јасниот ризик за сериозно прекршување“ на вредностите на ЕУ, кој треба да биде одобрен со двотретинско мнозинство во Европскиот парламентот, по што земјата се повикува да одговори пред Советот, кој потоа може да издаде препораки и со мнозинство од четири петтини да го потврди „прекршувањето“. Во случај на „сериозно и постојано прекршување“, однос ако земјата не ги спроведе препораките на Советот, тогаш Комисијата или една третина од земјите, со одобрение на двотретинско мнозинство во ЕП, ја повикуваат државата повторно да одговори на забелешките пред Европскиот совет, кој мора да донесе едногласна одлука дека „прекршувањето и натаму продолжува“. По ова Советот со квалификувано мнозинство решава за суспендирање на правата на обвинетата земја, вклучително и одземање на правото на глас во Советот, се додека не ги исполни сите препораки. сп/

Фото: Икс/ЕПА

Тагови

Остани поврзан