• вторник, 15 октомври 2024

Душчик: Белорусија планира „жешка гранична и миграциска криза“

Душчик: Белорусија планира „жешка гранична и миграциска криза“

Варшава, 15 октомври 2024 (МИА) – Плановите на Полска привремено да го суспендира правото на азил се засноваат на претпоставката дека соседна Белорусија се обидува да прати голем број мигранти кон заедничката граница, изјави денеска полскиот заменик-министер за внатрешни работи Мачеј Душчик.

- Информациите што ги имаме за различни сценарија, кои се развиваат во Белорусија и Русија го оправдуваат таков сигурносен вентил. Белорусија работеше на жешка гранична и миграциска криза, планирајќи насилно да принуди стотици луѓе кон надворешната граница на ЕУ, за да ја дестабилизира ситуацијата во Полска, посочи Душчик.

Неговата изјава уследи откако полскиот премиер Доналд Туск пред неколку дена го најави планот за суспендирање на правото на азил.

Полска и ЕУ ги обвинуваат рускиот и белорускиот претседател, Владимир Путин и Александар Лукашенко дека ги туркаат мигрантите од кризните региони кон надворешната граница на ЕУ со цел да извршат притисок врз Западот.

И покрај изградбата на ограда висока 5,5 метри и електронски систем за надзор долж полската граница, мигрантите сè уште секојдневно се обидуваат илегално да ја преминат границата. Од почетокот на годината, полските граничари веќе регистрирале речиси 28.000 такви обиди. ми/

фото: Икс

Остани поврзан