• понеделник, 18 ноември 2024

Муцунски - Бербок: Германија e клучен политички и економски партнер и силен поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија

Муцунски - Бербок: Германија e клучен политички и економски партнер и силен поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска во Берлин остварил билатерална средба со сојузната министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок.

Како што соопштија од МНРиНТ, ова е прва официјална средба на двајцата министри по преземањето на министерската позиција на Муцунски.

Фокусот на разговорите на средбата бил за одличните политички и економски односи помеѓу двете земји и цврстото партнерство во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, за поддршката на Германија на нашиот евроинтегративен пат, како и за други актуелни теми од регионален и европски безбедносен аспект.

Министерот Муцунски изразил благодарност за континуираната поддршка и ангажманот на Германија за досега постигнатиот напредок на нашата земја на патот кон ЕУ, како и за посветеноста на Германија за забрзување на целокупниот процес на интегрирање на земјите од Западен Балкан, особено во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес.

- Германија е предводник на европската перспектива на нашата земја и на целиот регион, а силниот фокус на спроведување на реформите останува во центарот на пристапот на новата влада, нагласил Муцунски.

Шефот на македонската дипломатија истакнал и дека Германија е клучен политички и економски партнер на нашата земја и еден од најголемите трговски партнери во годините наназад, при што изразил очекување за натамошно јакнење на економското партнерство меѓу двете земји и зголемување на обемот на трговска размена преку нови форми на заемна соработка.      

На средбата и на прес-конференцијата, министерот Муцунски изразил убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот, туку ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји, притоа тој нагласи дека деблокирањето на нашиот евроинтеграциски процес е прашање од стратешки и безбедносен интерес, како за Регионот, така и за постојаните заложби на ЕУ.

Говорејќи за евроинтеграцијата и европската перспектива на Република Северна Македонија, германската министерка за надворешни работи Ана Бербок истакнала дека само обединета Европска Унија која нема да биде блокирана од поединечни земји членки, може во кризни времиња целата своја тежина да ја стави на вагата на глобалната политика.

- На нас како Германија ни е посебно важно, да напредуваме во квалификуваното мнозинство, а не само во едногласното одлучување, што би значело дека во пристапниот процес би можеле да одлучуваме со мнозинско, а не едногласно одлучување, нагласила Бербок. 

Потенцирајќи ја силната поддршка од Германија и фактот дека македонската влада посветено напредува во реформскиот процес, германската министерка Бербок ја споменала важноста на реформите во правосудството, борбата против корупција и зајакнување на правната држава.

Бербок ја потенцирала и улогата на земјава во регионалните иницијативи и притоа посочила дека Република Северна Македонија досега преземала сериозна одговорност, пред се во рамки на „Берлинскиот процес“, а потоа и во мултилатералните иницијативи на меѓународната сцена, односно во Советот за човекови права на Обединетите Нации и Извршниот совет на организацијата за забрана на хемиско оружје. цр/са/

Фото: МНРиНТ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан