• петок, 28 јуни 2024

Драстичен пад на резултатите на бугарските деветооделенци на ПИСА тестирањето

Драстичен пад на резултатите на бугарските деветооделенци на ПИСА тестирањето

Софија, 5 декември 2023 (МИА) - Вкупно 54 отсто од бугарските деветоодделенци се под критичниот минимум на знаења и вештини по математика, 53 проценти од нив немаат елементарни вештини за читање, а 48 отсто од нив имаат драстични недостатоци во природните науки. Тоа го покажува последниот тест на едно од најавторитетните меѓународни истражувања за писменост, ПИСА 2022, кое ги оценува знаењата и вештините на 15-годишните ученици по математика, читање и природни науки. Колапсот на резултатите на бугарските ученици е шокантен - нивните постигања се меѓу најниските досега забележани во сите три предмети. По математика се последни во ЕУ, а во читање - претпоследни, јавија бугарските медиуми.

По 6.107 бугарски ученици од 202 училишта ги полагаа тестовите, што претставува околу 53.400 ученици, или приближно 80 отсто од вкупното население на 15-годишна возраст, наведува бугарскиот портал Днес.

Како и во претходните студии, во 2022 година резултатите од ПИСА во Бугарија се под просекот на ОЕЦД, но сега се меѓу „најниските досега евидентирани во сите три предмети“, се забележува во извештајот за најсиромашната членка на ЕУ.

При разгледување на сите оценки на ПИСА од 2006 година, за сите три предмети - постигнувањата првично се зголемуваат, по што следува пад почнувајќи од 2015 година, а потоа просечното достигнување во 2022 година се враќа на нивото од 2006 година.

Во споредба со 2018 година, просечните резултати на бугарските деветоодделенци во 2022 година се значително пониски по математика и читање, а помалку во природните науки.

Бугарските медиуми јавија дека колапсот по математиката е најголем - учениците со најслаби резултати се зголемуваат за 10 процентни поени - од 44 на 54 отсто, во читање од 47 на 53 отсто, а природни науки - од 47 на 48 проценти. ссм/

фото: архива

Остани поврзан